3 април 2017

 

ГОЛЕМАТА ВРТЕЛЕШКА СО 28 ЅВЕЗДИЧКИ

Европскиот карусел во вашиот град!

 

Денес воопшто не е тешко да бидеш евроскептик, особено ако живееш во ЕУ и однатре со ширум отворени очи и без занес ја гледаш сета нејзина изопаченост, лицемерство и нејзиното ултрабирократско лудило, или едноставно најобично лудило што може да се проценува само со литерарни, кафкијански, а можеби е најпрецизно со надреални буњуеловски параметри.

Сликовито речено тоа е нешто како со оние големи висечки вртелешки на синџири во патувачкиот лунапарк кој заедно со некој меѓународен циркус штотуку стасал на периферијата од вашето цивилизирано, мирно и тивко гратче. И одеднаш околу тоа е создадена голема возбуда. Гледаш како сите се стрчале натаму, кон циркусот и вртелешката, па неизмерно сакаш и ти да одиш таму. Тоа е и прашање на граѓански престиж. Однапред многу се радуваш на забавата и на уживањето. Сите градски и државни радио и телевизиски станици зборуваат само за тоа, а од безбројните џамбо билборди залепени насекаде те гледаат насмеани синооки, румени, среќни луѓе во господски облеки и фустани што феноменално се забавуваат. Низ градските улици ваму-таму минуваат шарени рекламни возила со силен разглас што повикува на невидена забава, додека во заднината на тие ведри, примамливи пораки ечи жива, разиграна, адреналинска музика. Навистина прекрасно!

И ти се токмиш, се дотеруваш, се чешлаш, се гелираш, се облекуваш за посебни прилики таму е светска забава, не смееш да се осрамотиш. И додека да трепнеш, веќе си во забрзаната врвулица со сите други што возбудено, во ритамот на свирката што не престанува, еднонасочно итаат кон развиканиот и толку разгласен меѓународен циркус, и кон големата спектакуларна вртелешка кон тој зашеметувачки европски карусел на кој столчињата се закачени со долги синџири. Наоколу динамично болскотат разнобојни ламби и ламбички, а безбројни продавачи на лижавчиња и пуканки, додека љубопитно им приоѓаш, сесрдно ти поддаваат стапчиња со големи топки од розова шеќерна волна. Одлично дизајниран и успешно реализиран виртуелен циркуски производ со доделени 28 ѕвездички!

Но веднаш, вчудовиден, се соочуваш со шок и ужасна непријатност: влезот во тој европски циркус над циркуси и во неговиот бучен шарен лунапарк од сите страни и низ сите негови дворови и организациски целини и структури е опкружен со страшни огради од жилет-жици, и притоа не само што не е бесплатен, туку е и многу скап, всушност прескап. Но организаторите, со умилни насмевки наоколу растрошно делат децентно опремени летоци со разни упатства што во вас треба да поттикнат позитивна енергија и сугестивно ви даваат на знаење дека вашиот шок и вчудоневиденост е само прв впечаток и оти е така само на прв поглед. Навистина, велат, не е лесно да се влезе, мораме да внимаваме, зашто во циркусот и на висечката вртелешка нема толку места но штом еднаш те примат, штом еднаш се дограбиш до своето столче закачено на долгите тешки синџири ќе те врзат и ќе те вртат, и ќе те вртат долго и надреално, а ти ќе имаш неограничени можности да уживаш и да профитираш веќе со самото тоа што си на таа европска вртелешка. Но на кој начин тоа и не е баш најјасно, освен ако не станеш дел од онаа илјадна бирократска синекурантска братија што се напикала таму. Зашто како во оние нелегални лотарии (вложи 1.000 добиваш 10.000) во која божем сите играчи задолжително добиваат ако од сите учесници во вртењето се земаат многу пари за влез и учествување во европскиот циркус, или за самото вртење на вртелешката, а истовремено на сите и им се даваат тие исти големи пари, како што тврдат горе чуму ни е тогаш воопшто таа сложена трансакција. Зашто салдото и така секогаш ќе остане 0. Или можеби има некаков маѓепснички штос што ние обични смртници не го разбираме едни да даваат колку што можат и колку што не можат, а други да си земаат колку што сакаат. Во секој случај, тоа е некоја чудна математика со многу непознати, но видена веќе многупати!

А има и други проблеми. За самата вртелешка од неодамна се патентирани три брзини, за да не мораат баш сите што ги вртат, доколку не им се сака, да се возат рамномерно и рамноправно брзо како другите. Но најнапред, особено ако сте задоцниле на оваа невидена европска циркузантска веселба, само долго, долго (и пред воопшто да ве качат на оние седилки со најмала брзина) ќе ве шетаат, ќе ве вртат околу самиот циркус за да го разгледате однадвор и да му се восхитувате, желбата за влегување да ви стане уште поголема, да ве збудалат од вашата наеднаш откриена исконска потреба да бидете таму, со нив. Искусните велат дека циркуските ултра-професионални водичи и елоквентни раскажувачи на празни зборови, со своите бескрајни агенди успеваат да дотуркаат дури до пензија, зашто некои кандидати, заинтересирани за програмата на циркусот и за качување на големата вртелешка, успеваат да ги вртат околу самиот циркус и по дваесет-триесет години, иако мене тоа навистина не ми се верува! Па тоа би била најобична измама и тормозење, а смислата на циркусот и на големата вртелешка во шарениот лунапарк е да уживате, а не да ве гмечат додека не ви се згади.

По толку долго очекуваниот влезен билет, кој од разни причини и натаму развлекуваат и тегават да ви го дадат, еден од условите конечно да ве примат во тој голем бигбрадерски циркус е и беспоговорно да потпишете дека се согласувате да ви земаат сс: и жена и деца, крв, солзи, пот и моч кога сакаат и колку што сакаат; а во меѓувреме бараат од вас и да потпишете разни рамковни договори, да прифатите некакви платформи што очигледно ги пишувале некои удрени во мозокот, или пак оние што мислат дека за разлика од нив, мудрите, сите други се најобични будали и не сфаќаат за што се работи; па потоа, да се согласите со тоа за секој нов шарлатански перформанс и нови типови на вртење што ќе ви ги обмислат во управата на тој угледен европски циркус со 28 ѕвездички да одлучуваат самите циркуски менаџери, или членовите и портпаролите на нивните експертски тимови. Се разбира, тие во сѐ се разбираат и за сите нешта имаат свои безбројни и најразновидни добро разработени циркуски агенди, а да не зборуваме за тоа дека вашата политичка, животна и духовна историја ја имаат во малиот прст. Понатаму, само за ваше добро и за ваша сигурност, ќе морате да прифатите и цврсто да ве врзат за нозе, за раце и околу вратот со разни видови синџири, направени така на организаторите да им овозможат целосно придржување кон принципите, протоколите и процедурите на циркусот додека трае вашето вртње, кое еднаш кога ќе започне веќе нема крај, колку и да ви се лоши. А пак да не зборуваме за тоа дека ќе морате, според нивната слободна проценка и сугестија, исцело да ја смените и својата физиономија, да ве истрижат и да ве избричат, да ви стават капа на шут со шарени ќулафки, а секако и да ви смислат некое ново, убаво, шегобијно, циркуско име, затоа што тука се сите безгрижни и весели и сакаат убаво да си се забавуваат со оние што ја прифатиле улогата на кловнови и дворски шутови?!

Е, сега, ако го преживеете сето тоа бескрајно натегање, тогаш ќе ве стават на најнискиот ред столчиња на вртелешката, врзани со многу цврсти синџири, случајно да не се откачите или да не паднете додека ве навикнуваат да ве вртат до избезуменост. Подоцна, со ваши големи усилби и трпение на дресиран мајмун можеби сепак ќе се искачите и на повисокиот ред на вртелешката, за да ве вртат малку побрзо, но едно е сосема сигурно никогаш, ама баш никогаш нема да ја достасате најекстатичната среќа да уживате на оние неколку највисоки седалки што патуваат најбрзо, најрамномерно и најрамноправно кои веќе одамна се резервирани за други и од каде што сѐ се гледа убаво и надалеку, а особено е убав погледот кон оние што се вртат во втора или трета брзина на долните катови на вртелешката, свртени со својот копнежлив погледот кон горе. Таа средба на нивните погледи е трогателно нежна и полна со заемно разбирање и љубов.

И така најпосле ве пуштаат да влезете во циркусот. Леле колкава среќа! Ечат фанфари, чукаат тапани, се веат знамиња, вие се качувате на бината пред вртелешката за да ви закачат медалче дека конечно сте ги исполниле сите наметнати услови, сите прилагодувања и сите барани себепреобразби, и оти, ете, ве цивилизирале и сега сте влезени во највисокото циркуско граѓанско друштво со 28 ѕвездички. Ви држат емфатични говори! И вие со солзи благодарници во очите исто така кажувате неколку патетични реченици, сите се прегнувате од среќа, и најпосле се качувате на својата означена седилка на најнискиот ред на вртелешката, се разбира, оној ред што се врти најбавно, во трета брзина! Оф, колку големо олеснување! Циркуските мајстори ви приоѓаат, ви помагаат да се зафиксирате, ги проверуваат синџирите со кои сте врзани за столчето и на сите други начини. Сѐ е во ред. Нема ни ваму ни таму, ни трте-мрте. Само трте. Ви ставаат катанче.

И почнува вртењето. Колку убаво! Најнапред мечтателски, со затворени очи само се препуштате вртелешката да ве носи, да лета високо, и сѐ повисоко и повисоко! Дишете длабоко! Си правите селфи во таа гагариновска летачка позиција! Многу нешта се зад вас. Избричени сте, истрижени до голо, со ќулавки и топчиња на шутова капа во дречливи бои што ви летаат околу главата уживате и само уживате. Погледнувате од високо кон оние долу, кутрите, што сеуште чекаат во ред за влезница, сосема надвор од циркускиот простор и меѓу оградите од жилет-жици и некакви други, шенгенски црти и граници. Оние циркуски агенти со кои и вие имавте многу работа и докажувања, сега со наместени насмевки ги шетаат наоколу новите кандидати за вртелешката како глупи странски туристи со скапо платени аранжмани за провод, покажувајќи им го најнапред само однадвор големиот темносин циркуски шатор со 28 ѕвездички во кој, како што е познато, многу тешко се влегува.

Но вам не ви е гајле! вие веќе си се вртите, се вртите, ве вртат, ве вртат. Навистина, подоцна ви станува по малку чудно и здодевно. Ништо не се случува, нема ништо од големите ветувања, туку само нови закони, прописи и рестрикци те ова не може, те она не смее а вртењето упорно продолжува и продолжува, не престанува. Веќе почнува да не ви се допаѓа, не сакате повеќе да ве вртат, но вртелешката во полн замав никако не престанува да работи. Веќе и вистински ви се лоши, ви се гади, ви се повраќа. Повторно ги затворате очите, но не од задоволство и уживанција, туку затоа што навистина не ви е добро. Викате: „Запрете, запрете, не сакам повеќе да летам и да ме вртите! Одврзете ме, сакам да слезам од каруселот, сакам да излезам од циркусот!“ Но не може тоа така, нема назад. Скапо го плативте тој летачки билет и сега седете си таму на својата со синџири и катанци добро врзана и осигурана седалка, во својот најнизок ред, во трета брзина на тој шарен европски карусел со 28 ѕвездички, и вртете се. Чекај, како со 28? Не, не, всушност помалку, 27, а можеби и 26, зашто на некои од оние што веќе многу долго се возеа на таа волшебна вртелешка и видоа сѐ што е и како е, исто така дефинитивно и сосема им падна мрак на очи и им се стемнило од бескрајното вртење, и вртење, и вртење, и вртење па во последен час си ги собраа своите ѕвездички и ѝ рекоа збогум на таа надреална, сомнамбулска европска бигбрадерска циркуска забава.

Навистина, верувајте, многу, многу е поубаво во својот стар родокраен топол дом, во своето тивко, питомо, цивлизирано гратче со нормални, драги луѓе од крв и месо, одошто со тие шарени, со сите бои премачкани и нафракани бирократски, панаѓурски продавачки и продавачи на магла.

Па што да правиме? велите немоќно, заглавивме; сега е премногу доцна.

Не, не, никако не е доцна. Токму сега му е мајката барем малку да се поткрене рачната кочница, зашто, на среќа, сеуште сме доволно надвор од тој застрашувачки европски гулаг-циркус, опкружен со километри и километри повеќеслојна и многуредна жилет-жица. Сеуште не можат да ни ставаат вето галичкото сирење да си го викаме галичко сирење а не грчка фета, струмичката мастика да си ја викаме струмичка мастика а не узо, на нашите вина да им даваме имиња какви што сакаме, „Цар Самуил“ или „Александар Македонски“, а тоа да не ни го оспоруваат соседите, како што тоа на големата темносина вртелешка со 28 ѕвездички, во едно општо и невидено лудило, сега веќе наголемо им се случува на оние што на неа се качија последни. Треба да знаете дека таму сигурно веќе се брендирани и нашето домашно ајварче, и пинџурот, и кумановскиот мез’л’к, и охридската пастрмка и којзнае кои сѐ турлитави и шкембе-чорби, и само чекаат ние да се појавиме таму и да ни соопштат дека веќе не смееме така да си ги викаме. Зашто таму, на тој европски карусел со 28 ѕвездички, едноставно е токму така.

 

3 април 2017, Дневник.мк Online

Големата вртелешка со 28 ѕвездички

http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=68792558D3EC5342BF89F63D54681C6D