ТЕАТАР

 

...Сега сѐ зависеше од случајот. Ми се вртеше во главата. Улиците нагло беа преплавени од шетачи. Некои познати ме поздравуваа. Градот почна да се одвиткува како некое огромно клопче.  Тука и таму веќе болснуваа рекламите... Застанав и се обѕрнав околку себе... Луѓето брзаа да купат уште нешто пред да се затворат дуќаните. Пред кино-билетарниците се туркаа тапкароши. Затрчан по вртолумните слики што си ги доловував, бев сосема возбуден. Го чувствував тоа во јастачињата на дланките, во секој прст. Потрчав назад, свртував во бочните улички, ѕирнав во некои дрогерии, се вратив до кејот и пак до главниот плоштад. Но од едно кино нагло се истури публиката, и силната турканица ме повлече и мене.

Одново се спуштив до реката, и преку старото дрвено мовче минав на другиот брег. Влезот во театарот веќе беше затемнет. Само касиерот задлабочено го пресметуваше пазарот. Знаев дека, доколку не е заклучено, би можел да минам незабележан. Но кога се доближив, видов оти од другата страна на бравата виси цел врзоп клучови. Отидов малку подолу, до театарското бифе. Таму атмосферата беше тивка. Само во еден агол седеа двајца сосема пијани, бесполезни инспициенти. И порано ги гледав тука. Беа најнеподвижни реквизити на театарот. Минав низ салата до малото ходниче пред влезот во гардеробниот простор. Некаде зад ѕидовите се слушаа гласови од претставата. Звучниците во ходникот тивко го најавуваа почетокот на третата слика. Во ходникот пред гардеробите владееше неверојатен мир. Застанував пред секоја врата, но однатре не се слушаше ништо. Сите сигнални ламбички беа изгаснати. Салата за репетиции беше сосема затемнета. Низ ширум отворената врата се гледаа расфрлани листови хартија врз долгата маса на средината од собата. На крајот од ходникот неколку скалички водеа до партерот на малата сцена. Ми се пристори дека слушам некакво шепотење. Бев сиот намовнат. Секако можеше да се случи да згазнам и на нешто крцкотливо или да клоцнам некаков ѕвонлив предмет. Се вратив неколку чекори и низ едно бочно вратиче влегов во главниот хол. Можев сосема убаво да го видам касиерот од грб. Веќе ги заклучуваше фиоките. Се мушнав бргу зад една тешка кадифена завеса, и се влечкав така неколку чекори покрај ѕидот. Стануваше сѐ потемно, но знаев дека тука мора да има некаков премин кон малата сцена.

Во еден момент одново ми се пристори дека слушам гласови. Да, веќе немаше никакво сомневање. Разговорот беше тивок, шепотлив, но сосема јасен. Претпазливо поттурнувајќи еден висок дрвен цилиндар, што наеднаш се испречи пред мене, успеав и да ги видам. На крајот од сцената, во еден темен агол, тие седеа на големи купишта рибарски мрежи. Шарените пластични риби, картонските морски ѕвезди и долгунестите школки од стиропор, заплеткани во нив, потсетуваа на една одамнешна лоша претстава, на еден неуспешен Голдони. Но на оваа мала сцена се играше и „Дневникот на лудиот“, и беше сосема разбирливо што тука сѐ е испревртено, и што само тука и можеше да се очекува една ваква сомнамбулска разврска на нештата...