АЛДО КЛИМАН до САНДЕ СТОЈЧЕВСКИ

 

25.3.1977, Штип

 

Драг Санде,

прости што ти се јавувам со толкаво задоцнување, но верувај ми не можев порано. Имаме многу работа; и самиот знаеш како оди тоа. Засега одлично се снаоѓам, иако деновиве бев малку болен од некоја блага форма на грип. Но ќе биде добро. Дури овој физички напор ме освежува на чуден начин, иако е потребно да имаш многу сила и трпение. На литературата сосема заборавив. Сега се сеќавам дека ги повторувам твоите зборови кога ми пишуваше од војска. Но тоа, се надевам, нема да ти пречи. Можеби подоцна, по завршувањето на обуката, ќе имам повеќе време за литература. Сакам, пред сè, да го завршам оној текст за тебе. Затоа, доколку се појави во меѓувреме твојата книга, те молам прати ми ја веднаш. Единствено светло нешто на кое си спомнувам од нашата литература и од односите што постојат во неа се твоите стихови и единствено тие го потхрануваат и мојот творечки аскетизам.

Би те замолил да ми пишеш нешто што се случува околу „Современост“ и околу литературата воопшто. Има ли нешто ново на работа? (Поздрави ги сите во Дневна редакција и Војко посебно, зашто тој ми среди да дојдам тука. Кажи им дека сум добро - можеби некому тоа ќе му значи нешто. Знам дека се смешкаш). Ако доаѓаш накај Штип, секако посети ме. За десетина дена ќе можам да излегувам надвор.

Како се твоите: Бибе, Весна и сите други? Што пишуваш сега? Ја доврши ли „Вечерна“?

Јавете ѝ се некогаш на Соња. Викнете ја некаде на читање, ако не ви е тешко. Би те замолил исто така, да ѝ јавиш на Соња кога ќе ги исплатуваат оние К-15. Тоа и мене ми припаѓа, а нејзе ќе ѝ значат многу.

Јасно е дека сум хаотичен, но ти нема да ми префрлиш, зашто разбираш што значи да си млад војник.

Алдо


9.4.1977, Штип

 

Драг Санде,

твоето писмо, колку што беше топло и значајно за мене, ми донесе и една непријатна болка. Мислев дека со објавувањето на годишниот план на „Македонска книга“ породилните маки на „Фенери низ маглата“ конечно се завршени. Но, ете, гледам тоа не оди така лесно. Сега ми останува уште, како на твој верен поклоник, како заљубеник во твоите стихови да те молам да најдеш некаква дополнителна формула, иако е гнасно да се спогодуваш со еден критичарски еквилибрист кој постојано осцилира меѓу некаква „магичност“ и магленост. Јасно е сега дека тој останал на онаа кота до која дошле Радован и други и кои токму тој најждановистички ги напаѓаше. Замижи, во име на своите прекрасни песни, во име на своите неодминливи пораки кои се единство на спротивности: егзактни се и непобитни до чиста идеализација и идеални до егзактност и непобитност. Верувај ми дека тоа не се само празни зборови, зашто во миговите кога имам можност да помислам на себе и на литературата, а оттаму и на твоето скапоцено пријателство и творечко влјание – секогаш си спомнувам на некои твои максими, кои збунуваат со својата ударност и разорност во овој безнадежно отпишан свет. Не можам да те читам поинаку, зашто сум проколнат оптимист и никогаш во твоето „ништо“ не сум гледал со празни очи. Секоја твоја мисла е нова содржина на животот, која дури и ако не постоела, дури и ако е патент на еден ингениозен дух како што си ти, станува огромен иницијал на иднината. Не се согласувам со оние кои мислат дека твоите песни се напишани во 19 век, зашто тие што се напишани тогаш се пишуваат всушност денес.

Пред да ти испратам еден уморен другарски поздрав за тебе и за Весна и за убавото Бибе, како и за сите твои домашни, уште еднаш те молам најсебично – имај трпение со Душко Наневски. Секако не по цена на некоја песна.

Најсредечно до идното писмо,

Алдо


13.7.1977, Штип

 

Драг Санде,

дури сега ми се сталожуваат впечатоците од вашата ненадејна, иако очекувана и мошне драга посета. Таа ми дојде како вистинско будење од сон, дотолку повеќе што сега ја имам во рацете и твојата книга, за која толку страхував. Пред сè, се плашев од глупоста на издавачите, рацензентите и од другите, но и од твојата избувливост. Страхував да не ја повлечеш и за уште неколку години да го одложиш нејзиното појавување. Кога ја зедов во раце, како да зедов дел од себе, зашто веќе неколку години живеам со овие твои стихови и извесно е дека тие длабоко се навлезени во мене и можам да речам, сега и ме преобразуваат. Ти напиша извонредна книга, и притоа ја зачува невиноста на нашите први слутења што е тоа поезија и кои се просторите скриени зад неа. „Неистраженото чувство“ станува сè поопипливо, барем дотолку доколку тоа ѝ е потребно на една култивирана читателска свест. Зашто, на крајот од краиштата, тоа и во „Фенери низ маглата“ останува без господар. И таа негова отвореност, таа негова слобода, го прави универзално и недоловливо. Еве, ја прелистувам: каде и да отворам од неа зрачат огромна творечка сигурност и искуство, но и една недоизреченост што трепери нервозно во напон на нови загатнувања. Јас сум уверен дека оваа книга ќе продолжи и во наредната, на свој начин – секако. Си фатил замав и не смееш тоа да го испуштиш од раце. Можеби ќе почнеш нешто ново, но што и да биде, знам дека ќе биде извонредно и непринудено. Во еден момент вистински почувствував дека бев сведок на една ретко доживеана историја, дека во нашите калења, се разбира и животни и творечки, со некои свои постапки успеав да ти изградам мовчиња до себе самиот. И ако е така, што би ми причинувало чест и неизмерно задоволство, можеби тоа ќе биде сè што сум сторил за литературата. И, иако ќе ти зазвучи страшно, би можел сосема да бидам задоволен со тоа, зашто ти напиша стихови со кои би се гордееле сите наши идоли. Ние не сме несреќници; потребно е само време за да ги најдеме своите скапоцени соговорници и храброст уште подлабоко да се нурнеме во мракот, зашто таму, единствено таму нешто и може да се најде.

Не можам да ти речам дека сега имам големи планови за пишување и тоа ужасно ме измачува. Но верувам дека тоа е затоа што од условите во кои живеам моментално и не може да се извлече повеќе од мечтаење за сопствениот дом и за неговата топлина. Претпоставувам дека дома одново во мене ќе заживеат оние бурни сокови, кои можеби и не се толку плодотворни, но секако овозможуваат да живеам далеку побогато и посреќно.

Најсрдечни поздрави за сите од вашиот искрен пријател Алдо


15.10.1979, Париз

 

Драг Санде,

сè уште не можам да сфатам дека сум овде, а веќе поминаа два дена. Не можев ни да се обрнам, ниту да направам некаков поосмислен чекор. Не се работи за некаква изобличена претстава за времето; во прашање се огромни градски и животни пространства, во кои, и покрај нивната привидна несовладливост, е збиен еден бескрајно напнат свет, кој живее без пауза. Едноставно, имам впечаток дека не направив ниеден чекор во Париз, а веќе видов и дознав многу нешта. И дури сега почнувам да го насетувам сето она неосознатливо и непредвидливо што се крие во овој град. Немој да се смееш кога ќе ти речам дека се исплашив. Да, тоа е едниот крај на моето прво чувство што ме опфати овде. Другиот крај, тоа е мојата неотпорност кон неговата моќ да ме впие во себе. Всушност, Париз е град на неверојатни спротивности. Размислувајќи за него, за сета негова комплексност, за неговата убавина, но и застрашувачка раздвиженост која носи сè со себе, сиот тој шаролик, разновиден свет - почнуваш да се чувствуваш осамен и изложен на секакви опасности. Излезеш ли на улица - ти си веќе меѓу своите. Несигурноста и опскурноста на лицата што ги среќаваш, за миг се претвораат во најчиста шармантност само ако им се обратиш. Секаде наоколу блескаат прекрасни и познати бистроа и ти се чини дека ќе те одерат ако влезеш внатре, а ако го направиш тој чекор ќе те запрепастат релативно ниските цени за услугата што ќе ја имаш. Навистина, сè е така ефтино, како што не би можел ни да претпоставиш. Најскапи се книгите. Велат, културата скапо се продава. Па сепак, многу се троши. Тоа е затоа што многу се живее. Постојано нешто се случува, и ти си секогаш опфатен.

Прими ги овие впечатоци без строга оценка. Јас воопшто не вообразувам дека го познавам Париз. Затоа и сум исплашен. Синоќа доцна се шетав низ угледниот Монпарнас и насекаде околу мене во блесокот на бистроата и рекламите гледав криминалци и проститутки. Во џебот носев околу милион и двесте илјади. Во еден момент, од една гаража излегоа неколку црнци – криминалци... Мислев дека тоа ќе биде најлошото, но денес Жан ме однесе на Пигал и Монмартр. Не можеш тоа да го замислиш. Безброј пати слушав за тој дел на градот, а сепак бев смешно ужаснат. Стотици секс-шопови, проститутки, травестити, хомосексуалци што те влечат за раце да влезеш во некои од таканаречените „кутии“ - нешто како кабареа од најдолен вид. Жан ми рече дека во една од улиците што свртуваат кон југ од Пигал секој петок доаѓаат огромни банди од предградијата и ги провоцираат минувачите. И самите секси-шопови, со најразблудна литература, филмови, плочи, се така агресивни со дречливиот сјај на висечките перли на влезовите, со кои се забранува влезот за помлади од 21 година, што немаш храброст да влезеш. Во минување те душкаат огромни кучиња на некакви баби и умоболни, а ги има и во рестораните. Додека го чекав Жан... цело време ја држев раката во џеб, силно стегајќи ги парите. Имав страшно чувство дека некакви незабележливи прсти внимателно, една по една, ќе ми ги извлечат сите банкноти. Жан се врати и, бидејќи мораше да оди во Радиото, јас земав такси ... Во колата имаше неколку ретровизори на сите страни и шоферот заподена разговор со мене. Таман ќе го фатев неговиот поглед во едно огледалце, тој почнуваше да ме гледа на другото, па на третото. Не знаев што да правам. Се бунеше нешто околу политиката, невработеноста, на владата. Ми рече дека е од Тунис. Кога слегов ми се чинеше дека се преродив. Цело време буричкаше нешто кај една кутија од што бев како смрзнат, но потоа се покажа дека тоа му е касичка. Ме праша од каде сум и кога му реков од Југославија, тоа беше толку далечно и непознато за него. „Секаде е исто“, рече, „секаде“.

Тргнав по една улица, сета во сјај и реклами. Булевар д'Итали. Едвај можев да распознам каде се наоѓам. На сите страни одеа огромни улици, небото беше темно и немав никаков препознатлив знак каде сум. Влегов на еден влез во метрото и се смрзнав кога на картата видов дека одејќи пешки повторно сосема сум се доближил до Пигал ...

И, ете, покрај сета таа лудост и стравотност, од која ми се вртеше во главата целиот ден, мислам дека никогаш нема да видам поубав и потопол град. На сите страни слушаш јапонски, англиски, арапски, шпански, словенечки, и имаш прекрасно чувство дека си на некој едноставен собир на кој организаторот се грижи за тебе. Не се чувствуваш оставен... До мојата соба се некои Јапонци – флејтисти, речиси врата до врата. Сè уште не сме се виделе. Се спие добро бидејќи климата е речиси иста како во Скопје. Барем времето, ако не климата. Собата ѝ припаѓа на една Пољакиња, која сега не е тука. Зградата гледа на Rue Lecourbe, мошне прометна и бучна улица што оди паралелно со Rue Vaugirard, но мојата соба на првиот кат е апсолутно тивка и гледа на една мала вештачка градина. Вчера попладне на едно дрво видов кос и скоро се изненадив. Некако потсвесно сум верувал дека во еден таков велеград не може да има животни. Но бескрајно се излажав. Има многу птици и кучиња. Ги гледав денеска во Луксембуршкиот парк така спокојни и задоволни, како да не живеат во европскиот Вавилон. Прекрасен е тој парк, Санде. На самиот влез е бистрото Le Rostand од кое се гледа прекрасната ограда со позлатени врвови на копјата што се мешаат со костеновите лисја. Тоа е многу блиску до Сорбона која ме опчини со својата огромност. Всушност, не е во прашање само големината. Насекаде во Латинскиот кварт е живо. Има многу книжарници со сè што можеш да посакаш. Најдов дури две книжарници за шпански и хиспаноамерикански изданија.Чувствуваш, нели, дека сега веќе се менува ликот на градот? Утрото во Луксембуршкиот парк, со бистата на Бодлер, Латинскиот кварт, со книжарници... беше нешто бескрајно далеку од она што само пред неколку часа го доживеав. Сè е тука во спротивности и човек што доаѓа за првпат, како мене, мора да го прими во себе онолку интензивно колку што тоа му се наметнува. Но добро е да се има пријатели како тебе и Благоја и да им се јави човек, разбудувајќи ја во себе сета чиста творечка љубов и потсетувајќи се дека од поетската престолнина им се јавува на двајца големи поети за кои Париз уште не знае, иако има две места во својата менделеева таблица за нивните имиња.

Ќе го преведеме Хорхе Гилен, нели? Предлагам, најнапред, да го објавиме уводниот текст. Побарај ја Пилар и нека го преведе за „Стремеж“, секако, ако сакаш.

Најтопли поздрави до тебе, Весна и Бибе, но и за Благоја и неговите.

Алдо


24.8.82, Пула

 

Драг Санде,

навистина ми беше неопходно пристојно да се средам за да можам вака поспокојно да ти се јавам. Моето заминување можеби делува малку збунувачки, но, верувај ми, тоа е нешто што го изведов со неверојатна ладнокрвност. Навистина, имав многу (чисто технички) проблеми, но длабоко во себе бев спокоен. Не сакам ова да те онерасположи, зашто моето единствено прецизно чувство беше дека се селам некаде далеку, во некој зафрлен крај на Македонија, каде што не морам скапо да го плаќам данокот на младоста. Мислам тука на сите детски грешки што ги направивме при нашиот старт во литературата. За тоа добивме по нос и двајцата, но јас никако не можев да се ослободам од модринките. Затоа и морав да отидам. Сакам, меѓутоа, да знаеш, дека никогаш повеќе и никогаш појасно не сум се чувствувал Македонец одошто сега, зашто тука не го чувствувам притисокот дека тоа морам да бидам. Тоа е единствениот песок што постојано ми го фрлаа в очи оние што го сонуваа моето заминување. Оттука, од оваа далечина појасно го гледам нивниот трескавичен грч на самодефинирање. Сето тоа нема ништо заедничко со литературата и тоа најмногу ме избрка. Не, јас не верувам дека дојдов во нова, чиста, свежа средина во која нема да се соочувам со слични трауми, само сега сум „стар борец“, „стара коска“, но пред сè обичен граѓанин на Пула, а сиот сум упатен кон Македонија и кон нашата литература на која ние, барем во еден нејзин дел, ѝ го дадовме својот печат. Но тој е суптилен, без рапавости, затоа и живее тивко, само за оние што веруваат дека уметноста е за избраните.

Секако, постојат и други причини за моето заминување. Јас го сакам морето и тоа делува на мене исклучително инспиративно. Но, морам да ти признам, превосходна причина во тој поглед беше здравјето. Не сум хипохондар, но имав грди напади на страв од некакви градни болести од смог, прашина и магли. Затоа трескавично ја одбив и идејата да одам во онаа лудница Белград. Тука воздухот е пречист и чувствувам како закрепнувам. Често одиме на плажа, но уште не почнав да лутам, истражувајќи ги крајбрежните карпи и малите лагуни, што ми беше посебно детско задоволство пред дваесетина години. Тоа сега и не е возможно заради сеприсутните туристи. Тоа ќе уследи за месец-два, пред доаѓањето на бурите.

Што се однесува до мојата сегашна работа, најверојатно е дека бргу ќе ја сменам. Имено, таа ми овозможи да застанам на нозе во материјален поглед, а тоа, пак, да го направам овој крупен скок. Сега, меѓутоа, настанаа некои измени во работата на издавачите во однос на пласманот, со што е разнишана и можноста ние успешно да работиме. Тоа е, истовремено, и олеснителна околност, зашто работата веќе почна и да ми здодева. Каде и кога ќе преминам, засега не знам. Веројатно, најнапред, во „Нолит“ исто како трговски патник, а подоцна некаде тука во Пула. Знам дека тоа ќе те радува, зашто значително повеќе време ќе имам за работа над литературата. Меѓутоа, верувај ми, јас и досега не чувствував некаква стеснетост во поглед на времето, дотолку повеќе што ме ужаснува јавниот притисок постојано да се биде присутен со текстови. Во тој случај никогаш не би биле напишани делата како што е „Улис“. Зошто не сме доволно силни да веруваме дека некој творец може и без премногу „редовен“ публицитет да создава нешто големо и трајно? Секако, би бил нечесен кога не би ти рекол дека понекогаш се чувствувам осиромашен поради фактот што се занимавам со една ирелевантна работа, додека тотални имбецили ги држат клучните места во литературата. Но, веројатно така и треба да биде, инаку ние самите би им биле идентични. Да се биде на чело на едно списание, тоа е веќе нешто сосема друго и дотолку повеќе ги сфаќам сите отстапки што беше принуден да ги правиш во интерес на нешто потрајно и повредно. Но јас сега знам дека секогаш ќе бидам настрана од тие позиции, дотолку повеќе што сум и физички оддалечен од сите македонски списанија.

Писмово е малку предолго, но јас и ти одамна не сме разговарале спокојно како што умеевме. Мислам дека една од причините за тоа беа Кате и Благоја. Кате заради тоа што имав чувство дека морам принудно да изигрувам пријателство спрема нејзе, што ме ставаше во апсолутно неприродна позиција, а Благоја поради својата опседнатост од нејзините „вредности“. Во ред, тоа е негово право да ја сака и целиот да ѝ се посветува, но тој жестоко го вплеткуваше својот приватен живот во нашите чисто литерарни односи. Јас и ти секогаш бевме имуни на такви нешта, или барем бевме поимуни од него. Немој да ме сфатиш погрешно, но иако Благоја многу ми е драг, никогаш не можев да го гледам со поинакви очи, освен како твоја доста различна проекција. Тој како да е опчинет од целокупниот твој животен и творечки систем, воопшто не ја препознава идентификацијата. Кон тебе се однесува како кон татко. Сосема те имитира, истовремено одречувајќи те. Драги Санде, и јас некогаш бев восхитен од твојот изворен, оригинален талент, од твоето умеење да владееш со зборовите, од твојата способност да го пресоздаваш светот, но во нашите односи секогаш се препознавав себеси наспроти тебе. Многу нешта научив од тебе, но можев да ги научам зашто никогаш не бев оптоварен да се китам со туѓи пердуви. Тоа што го научив од тебе никогаш немав намера да си го припишам себеси, иако се обидував да го сместам во мојот систем на сознанија. Благоја секогаш те поткрадувал, па дури и во чисто физичка смисла со своите приватни хаоси што ти ги донесуваше дома. Но немој да мислиш дека поради овие согледувања тој не ми е драг. Само би ми бил подраг доколку беше посилен сам да се растовари од своите комплекси. Инаку, повеќе сакам да сум подалеку од него. Зашто, компромисите што ги прави се премногу ефтини за еден голем човек. Се сетив, ете, на моментот кога ме уверуваше дека романот на Рошко е одличен... И така, малку поради мојата работа, малку поради некои други животни состојби ние ги редуциравме нашите средби, иако, бар што се однесува до мене, твоите книги беа и останаа моја постојана драга лектира, која за момент пред мене ги отвора просторите на твојот страствен и вознемирен духовен свет. Би ми било драго да ми јавиш врз што работиш сега, дали е излезена твојата книга во „Стремеж“ и да ми пратиш некои свои нови песни. Посебно ме интересира книгата, зашто беше предадена во печат уште пред моето заминување. Те молам, исто така, да ми пратиш две-три книги за кои би вредело да се пишува, бидејќи оваа дистанца за мене претставува и посебен критички предизвик. Секако, за тоа уште ќе разговараме и доколку постои расположение, вие од мене редовно ќе имате критики и прозни прилози. Јас ќе настојувам во Македонија да доаѓам што почесто, дотолку повеќе што и Ана сè уште е таму. Летоска беше кај мене, но морав да ја вратам. Па сепак, никогаш повеќе одошто сега немав изгледи да ја земам кај мене. Верица е веќе тука, а регистрацијата е закажана за 25.9. во Качарево, па штом се венчаме би можел да покренам постапка да ја земам Ана, со оглед на фактичката состојба која во моментот е на моја страна. Би сакал да знаете дека на свадбата сте поканети меѓу првите. Ние ќе испратиме покани, но доколку нешто закаже, оваа покана е сосема важечка, со тоа што во меѓувреме ќе се договориме подетално. Пренесете му ја мојата порака и на Благоја, што ја подразбира и Кате (или Панде), според неговиот избор. Верувам дека во меѓувреме ќе се видиме, но сакам да ти повторам дека нашата покана да дојдете во Пула е трајно отворена. Дотолку повеќе што знам колку ќе им се израдуваш на прекрасните полиња печурки во близина на моето село.

Драг пријателе, знаеш дека, доколку не се принудам, ова писмо не би го завршил уште долго време. Затоа, верувајќи дека оваа далечина е само еден катализатор што ги обновува длабоките пријателски врски што нè спојуваат, ти праќам најчисти поздрави, за тебе и за твоите домашни, очекувајќи наскоро да ми се јавиш.

Алдо


5.10.1982, Пула

 

Драг Санде,

ете, помина и таа врева околу мојата женачка. Прославивме што прославивме, а сега е на ред работата. На свадбата беа Симон и Весна, неговата сопруга, па ми беше многу жал што не можевте да дојдете ти и Весна, ќе беше уште повесело. Со Симон се договоривме конечно да го преведеме уводниот текст од твојата Антологија и заедно со избор од песните објавени во неа да го објавиме во „Книжевна реч“. Преводот ќе го направам јас, а целосната редакција заедно со Симон кога кон крајот на месецов ќе се најдеме на Саемот во Белград. Сега сум соочен со еден мал технички проблем. Мојот примерок од Антологијата е спакуван некаде со другите киги, а да ја пронајдам меѓу триесетте пакети, тоа е цел еден нереален потфат. Затоа те молам под „итно“ да ми испратиш еден примерок што веднаш по завршувањето на работата ќе ти го вратам уредно. За оваа работа ми остануваат сè – на – сè дваесетина дена, сметано со деновите што се потребни пратката да стаса до мене, па дотолку е побитно книгата да ми ја пратиш веднаш. Симон беше многу заинтересиран работата да ја извршиме квалитетно и на време, за што во „Нолит“ разговаравме и со Гојко Тешиќ, и се надевам дека нема да дозволиш да кикснеме. Ете, толку за тоа.

Како сте вие? Како фиќото? Што се однесува до него, јас во погрешно време заминав за Пула, зашто сега ќе можевме да одиме во Прилеп кај Благоја без да ми пливаат нозете во водата што влегуваше во старото фиќо. Да, тоа беа навистина инспиративни, трескавични патувања што донесоа многу плодови. Се случуваа како во сон, а секое будење донесуваше по една твоја песна. Тогаш ги завршивме книгите, тогаш се зацврсти редакцијата на „Стремеж“, тогаш ги водевме полемиките...За мене во мојот самоегзил тоа е само минато. Овде сум соочен само со себеси и ако сторам уште нешто вредно во литературата, тоа ќе биде макотрпна работа без вашите бодрења што ги имав секојдневно.

Што стана со твојата книга? Те молам да ми ја испратиш веднаш штом излезе. Макар без корици.

Сега те поздравувам. Те молам јави се, а Антологијата прати ми ја веднаш. Многу поздрави за Весна и за вашето девојче Бибе од Верица и Алдо.

 

П.С.

Бидете добри, па понекогаш јавете ѝ се на Ана.


8.3.1983, Пула

 

Драг Санде,

ти го праќам овој ветен фрагмент од романот. Се надевам дека ќе го добиеш навреме за да го приклучите кон планираниот број. Во секој случај, текстот е тука, па ти постапи според можностите.

Деновиве имав некои посебни расположби. Жестоко сакав да се видиме, да позборуваме малку за литературата. Работам доста, па сето тоа бара храна. Знаеш веќе како е тоа.

Како сте вие? Што стана со твојата книга во „Стремеж“? Мислам дека треба тоа да го истераш на чисто, зашто е веќе бесмислено да се чека на нешто што е готова работа. Освен тоа, знај дека таа книга се чека, луѓето знаат за неа. Не би требало да се дозволи било чиј хир да ѝ застане на пат или да ја одлага. Еве, јас сум навистина нестрплив да ја видам како целина. Освен тоа, знам како тежи необјавена книга за да се раскомоти човек врз своите други литературни планови. Пишуваш ли стихови? Те молам, доколку имаш нешто ново, да ми испратиш. Битно ми е да видам што работиш. Впрочем, ти речиси и не се јавуваш. И немој, доколку тоа ти се чини неприродно или те оптоварува; но од Македонија немам друг поблизок извор за сите нешта што таму се случуваат.

Пред да ти испратам најтопли поздрави, пренеси ѝ уште еднаш на Весна дека исклучително ми се допадна нејзиниот текст во „Спизалит“. Сметам дека така треба да се пишуваат вистинските критики. Всушност, тоа е и повеќе од критика. Ја поседува сета потребна апаратура на една критичка студија, но тоа бездругоо е и сосема независен есеј за суштината на поезијата. Ги читав и нејзините стихови во „Стремеж“; таа се надминува себеси. Горд сум што го познавам авторот на песната „Нашата градина“.

Сè најискрено и најтопло од вашиот Алдо.


Петок, 20.5.1983, Пула

 

Драг Санде,

се надевам дека овдешните есенски дождови ќе те привлечат во Истра, за да можеме долго и на наш начин да ги превртуваме крупните внатрешни настани на нашите творечки битија. Тоа никогаш не било неважно, колку и да било обременето од бочни и занемарливи нешта. Чудно, но по моето заминување од Македонија, јас таму не гледав друг драгоцен остров за себеси, освен твојот дом...Те молам, Санде, засекогаш сфати дека македонската земја, нејзината традиција, нејзината убавина и питома и дива, нејзиниот простор и своето `ртење во неа биле и ќе останат моја вечна суштина, но стварноста која, за жал, и од причини што и тебе ти се добро познати, во оваа ништожна лепеза од стварности, во нашава поширока „татковина“, во Македонија е најлоша, најкастрирана и од овој далечен полуостров јас појарко ја гледам сета разбирлива темнина на твојот демонски страв од тој длабок балкански живот. Знам дека не можам да те истргнам оттаму, зашто тоа би се противело на целокупното твое антиномадско суштество и затоа што знам дека твојата творечка мисија е можна само таму, во Македонија, но не можам да се изначудам низ кои сè иглени уши успева да се провлече твојата уметност и по која сè цена треба да се плати привидот на твојата животна комоција.

„Животот толку е краток/ животот толку е тенок/ за длабоко гледање/ за големи чекори/ сред поле што го слутам“. Знаев дека еден ден и твоите рани стихови ќе почнат да зрачат со нова светлина. Погледни, само уште 17 години и ние ќе имаме по педесетина години, а едвај поминаа тринаесетина години како живееме во оваа литература. Не се вклопивме навреме во големата граѓанска игра на кариеризам и сега е предоцна. Барем што е можно повеќе, со своето творештво, да бидеме поблиску до матицата. Ти во егзистентна смисла не помина многу поарно од мене, но сепак успеа постојано да пливаш узводно. Јас се трошев многу на баналности и пак создадов многу (барем во квантитативна смисла). Сега е време да ставам точка на тие детски лудости и да се обидам со единствената лудост што би сакал да ми појде од рака: само да творам и ништо друго. Сега сè уште сум во работен однос и веројатно и ќе продолжам да работам некаде доколку биде тоа во издавачка дејност, но би сакал сето тоа да падне во вода и да не знам за ништо друго освен за литературата и за уметноста. Евентуалниот отпор на Верица го предупредив со некои привидни факти дека може пристојно да се заработи и од пишување, но со оглед на плодовите и минималните разлики во месечните приходи тоа е скоро и вистина. Главно, барем сега ништо друго не работам освен што читам и пишувам, а тоа и се гледа, нели?

Моето „второ враќање“ во литературата, секако, ќе наиде на одредени сопки, барем поради тоа што не сум таму, но верувам дека во тој поглед можам да се потпрам на тебе. Битно ми е да соработувам во сите литературни списанија во Македонија, како и некогаш и затоа на сите ќе им пратам прилози, иако моја најголема слабост секогаш ќе биде нашиот „Стремеж“, поради твоето и присуството на Благоја во редакцијата.

 За мојата обновена работа врз афирмацијата на македонската литература надвор од нејзините граници сега нема да ти говорам. Ти знаеш дека сум претприемлив и дека тука ќе има многу драгоцени резултати. Тоа е особено лесно од мојата сегашна позиција, каде што имам непосредни контакти со луѓе и творци кои можат во тоа да помогнат.

Драг Санде, те поздравувам на крајот од ова долго и искрено писмо, со желба моите поздрави да ги пренесеш и на твоите две најдрагоцени другарки во животот, Бибе и Весна.

Алдо


17.7.1984, Пула

 

Драг Санде,

твоите песни се кај Симон. Сметам дека сега сè е во ред. Доколку се појават истовремено во „Република“ и во „Дело“ тоа ќе биде ептен културен чин. Веднаш потоа ќе ги пуштиме во „Истра“ и во „Домети“.

 Патем ти праќам примероци од сликовницата што ја издадовме на македонски. Една дај му на Бранко (доколку сака да напише нешто ќе му бидам благодарен), а една е за дечињата на Благоја.

Многу поздрави на сите.

Алдо


14.10. 1984, Пула

 

Драг Санде,

штотуку се вратив од воена вежба и веднаш ти ја праќам песната за „Нова Македонија“. Те молам да му ја дадеш на Бранко, а доколку ја објави, чувај ми еден примерок од весникот.

Можеби наскоро ќе се видиме во Скопје. „Гоце Делчев“ е при крај, па ќе морам да дојдам на уште една консултација кај Полјански.

Многу поздрави ти праќа Борис со кого се слушнавме вчера.

Се надевам дека сите сте добро и оти врнежите ќе донесат многу плодови!

Алдо


Пула

 

Драг Санде,

доколку моето доцнење не превршило секаква мера, ќе ти бидам благодарен ако успееш овој фрагмент да го вклучиш во јубилејниот број. Всушност, требаше да ти го дадам уште тогаш кога беше тука, но ми се чинеше дека треба да го надополнам со неколку реченици.

Овде сите со задоволство се сеќаваат на твојот престој.

Поздрави ги Бибе и Весна. Се надевам дека наскоро ќе се видиме во Скопје кога ќе дојдам по ракописот на „Гоце Делчев“.

Твојот Алдо


2.5.1985, Пула

 

Драг Санде,

прилозиве што ти ги праќам ги добив од Лидија веќе поодамна, но никако да ти ги испратам. Се надевам дека ќе можеш да сториш нешто од тоа да излезе во „Стремеж“. Јас секако ќе ѝ објавев, но двојното преведување немаше смисла. Се потпирам на тебе. Впрочем, таа е премногу далеку од татковината за да не ѝ подадеме рака.

Инаку, јас ги одбројувам своите последни денови во „Истарска наклада“. Таа се наоѓа пред бродолом по тешките глупости што ги направија Р. Б. и неговите трговци. Накупуваа книги во вредност од преку шеесет милијарди динари. Некој од нив ставил голема пара в џеб, но со тоа ја довел фирмата на работ од банкрот. Што се однесува до списанието, јас најверојатно ќе останам главен и одговорен уредник и ако се случи конечниот крах на фирмата. Тоа значи дека издавач ќе биде некој друг. Засега имам неколку можности за работа, но најверојатно ќе формирам нова издавачка куќа со две-три души и врз сосема поинакви основи. Нема да морам да се соочувам со некои неповолни дадености. Во градов имам доволно авторитет и доверба и мислам дека тоа ќе оди и побргу одошто сега може да изгледа. А ти стегај ми палци.

Деновиве дојде Рабах од Македонија каде што ја продаваше монографијата „Гоце Делчев“. Одлично му оди, како и на нашите претставници. Веднаш по празникот тој ќе се врати и рече дека ќе ти се јави. Ми пренесе дека Тоде зборувал дека ти си тврдел оти со тоа издание ќе сум ја упропастел „Истарска наклада“ зашто тоа е нашиот најлош потег. Не можам да сфатам што му значи тоа на Тоде, дотолку повеќе што ми е познат твојот став за оваа книга. Ние со таа монографија заработуваме околу 2,5-3 милијарди динари и тоа е речиси свршен чин. Но не се во прашање само парите, ти тоа најдобро го знаеш. Јас таа книга ја подготвував со најголемо задоволство. Впрочем, тука ништо не ми е јасно.

Се надевам дека ти си добро и во своето стандардно творечко расположение. За тоа имаш доста поводи (вашите нови книги). А сега за мене тие се тајна што многу ме скокотка. Се надевам дека бргу ќе ги имам во своите раце.

Најтопли поздрави од Ане, Верче што наскоро ќе биде мама и вашиот Алдо!


9.6.1985, Пула

 

Драг Санде,

ти го праќам ветениот текст за антологијата на Аќин, а наскоро ќе ти испратам и еден подолг есеј за расказите на Мето Јовановски.

Се надевам дека сите сте добро и дека творечката среќа е постојано со вас. Сè уште ги немам вашите нови книги, ниту пак новите броеви на „Стремеж“. Знам дека само Весна за тоа ќе се погрижи, па однапред ѝ се заблагодарувам.

Би ја искористил оваа можност во кратки црти да ти ја осликам ситуацијата околу „Истарска наклада“.

По познатиот почеток, чиј сведок беше и ти самиот, работите во „Истарска наклада“ се одвиваа најповолно и верував дека набргу ќе станеме сигурен и авторитетен мал издавач. Но непосредно пред минатогодишниот Саем на книгата во Белград, од Белград дојдоа неколку махери, наводно големи стручњаци за пласман на книги, кои само во неколку месеци, наместо да продаваат, накупуваа книги  за околу сто милијарди. Бидејќи мошне бргу му го завртеа умот на Р. Б., зашто му ветуваа огромна плата, му местеа женски итн., тој не сакаше да ме послуша и да стави крај на сето тоа. Освен тоа, постојано го држеа пијан и тој потпишуваше секакви документи. Заради таквата луда ситуација Франко Лукеж премина во весникот „Глас Истре“, а јас се обидував да го спасам она што уште можеше да се спаси. Но нивниот замав беше премногу силен, а поголемиот дел од Издавачкиот совет, од колективот, па и од претставниците на градот, покажаа ужасен опортунизам и набргу беше јасно дека е крај.

Од први јули и јас ќе работам во „Глас Истре“, најнапред како новинар, а подоцна ќе видиме. Има изгледи таму да се развие издавачка дејност. Што се однесува до списанието, најверојатно и натаму ќе го водам. Сега намерно исфорсирав неколку броеви за да не се почувствува паузата доколку дојде до неа.

Инаку, во „Истарска наклада“ расплетот започна. Т. П., еден од тие трговци од Белград, сега е во затвор, Р. Б. поднесе оставка на местото директор, а најверојатно ќе му се придружи на П. Веројатно така ќе заврши и претходниот директор И. Г.

Моите главоболки околу „Истарска наклада“ завршија пред неколку месеци, а останав тука до денес за да привршам неколку проекти што беа започнати. Сега можам мирно да заминам на новото работно место. Таму навистина ќе ми биде илјада пати полесно, а ќе имам и двојно поголем личен доход. Откако така се растоварив, продолжив да работам врз романот, а ја пречукувам и книгата есеи што многу скоро ќе ти ја пратам со молба да ја предадеш во „Македонска книга“ и, ако биде потребно, малку да ја потуркаш работата за да не ја остават заа многу подоцна.

Ете, тоа би биле поважните работи.

Ние сме сите добро. Диего расте, Ана сега ќе заврши со школото и едвај чека да оди на море. Верче е зафатена со бебето, но успева да најде време и да го заврши факултетот.

Се надевам дека скоро ќе се видиме. Чувствувам дека ми треба малку да дојдам во Македонија. За мене таа е синоним на нашата растревожена и луда младост, една неповторлива жестокост што ќе биде запомнета и во македонската литература.

Многу ве поздравувам сите.

Твојот Алдо


6.6.1987, Пула

 

Драг Санде,

ти го праќам ветениот текст за Мето Јовановски. Околу твојата книга кај Љубо немам никакви новости, зашто едноставно во овој изминат период не бев во состојба да се чујам со него. Меѓутоа, во петок тој ќе дојде на мојата манифестација и сè ќе се договориме. Бранко Цветкоски ќе ти ги пренесе најсвежите информации за тоа. Впрочем, ќе ти се јавам и јас.

 Многу поздрави за твоите домашни!

Алдо


Пула

 

Драг Санде,

ти го праќам бројот со песните на Благоја. Се надевам дека преводите ќе ти се допаднат. Како што гледаш, тоа е излезено уште пред една година.

Инаку, ние те очекувавме. Ти не ми се јави како што се договоривме, ниту пак некој ми пренесе некаква порака... Потоа, прелистувајќи го „светскиот“ печат, открив дека „те повеле во туѓи страни“. Жал ми е што не сме се виделе. Навистина ми е жал.

Еве, ти испраќам и една одломка од поголема проза на Стјепан Вукушиќ, (мислам дека се запознавте во Пула; тој е професор на Педагошкиот факултет). Не е голем текстот, па верувам дека нема да биде проблем да го објавите во „Стремеж“. Не го преведов јас, зашто сакав тоа да го стори некој од Македонија. Вукушиќ е ценет автор и има зад себе неколку книги, иако оваа проза по својата интонација нам не ни е толку блиска. Тој е стилист кој многу инвестира во јазикот, но му недостасува малку разбушавеност, малку повеќе страст. Во секој случај би ти бил благодарен да го објавите, зашто и самиот тој изрази таква желба.

Многу поздрави за сите пријатели, а посебно за Весна и Билјана. Доколку се видиш со Ким, речи му дека секако ќе му се јавам: овие триесетина денови имав голем притисок од обврски. И поздрави го многу!

Сè најубаво.

Алдо


29.4.1988. Пула

 

Драг Санде,

сметам дека нема ништо погрдо на светот од печатна грешка. Затоа во својата работа, таму каде што можам да влијаам, правам сè таквите грешки да ги одбегнам. И кога подоцна наидувам на нив се чувствувам покраден, осиромашен.

Во случајот на „Абор гора“ навистина не можев да сторам ништо. Си излезе со тие неколку грешки (во „Спартак“ единаесеттиот стих, во „Возбудата на јадрото“ шестиот, па „Поделба на светлината“ и, најпосле, грешката во мојот текст каде што стои драматичките наместо граматичките законитости), што ме онерасположија многу. Но, тешејќи те тебе, и себеси си повторувам дека тоа се неизбежни работи.

Твојата книга, меѓутоа, за мене беше едно несекојдневно искуство. Друго е кога одвреме-навреме преведуваш по десетина песни, а сосема друго кога го опфаќаш целиот поетски опус на еден автор. Едноставно чувствуваш како те обзема неговиот свет, но истовремено имаш единствена можност да го следиш секој негов творечки чекор, секоја негова мисла што се развива како „повесмо светлина“. И уште кога е во прашање автор што и творечки и човечки ти е така близок како што тоа си ми ти мене, приредувањето на таква книга - можност е одново и себеси да се погледенеш од еден друг, поинаков, дистанциран агол, да си поставиш одредени прашања и да си дадеш невообичаено прецизни одговори. Ете, затоа твојата „Абор гора“ толку ме радува и јас ѝ пожелувам среќна иднина кај читателите. Верувам дека таа ќе биде корисна основа за идните подобри избори од твоето творештво кон кое секако ќе се навраќаат и идните генерации. Свесен сум, истовремно, дека и книгата, и посебно поговорот, многумина во Македонија ќе ги изнервира, но јас сакав да ги изречам тие нешта како сведоштва што радо се премолчуваат. Можеби мојот став ќе значи нешто повеќе од обична оценка на еден пријател и човек што колку-толку се разбира во уметноста на зборот.

Те поздравувам и ти пожелувам уште многу добри песни.

Твојот Алдо


10.7.1990, Пула

 

Драг Санде,

прости што ти пишувам на латиница. На работа сум и, еве, штотуку ни стаса првиот број од новата серија на „Истра“, па брзам да ти испратам еден примерок. Главен уредник на новата редакција е Армандо и, ете, се гледа дека и тој сега внесува значајни новини. Успеавме во последниве неколку години списаниево да го придвижиме кон нови содржини и кон нови графички резултати и, нека ни биде простено, се чувствуваме горди поради тоа.

Ти пожелувам многу успеси во твоето уредникување, а посебно ти честитам на најновите книги. Некои од нив успеав и да ги добијам од Злата.

Се надевам дека ќе се видиме на годинашниве „Струшки вечери“.

Сè најубаво и многу поздрави до семејството и до пријателите.

Алдо


28.7.1990, Пула

 

Драг Санде,

еве, како што ветив, веднаш ти ги испраќам текстовите околу кои се договаравме. Тука се песните на Борис (со еден автограф) за кои предлагам да ги преведеш ти или Весна. Доколку имате некаков проблем со непознати зборови, можете Борис да го повикате на телефон 052-813-010 во работно време. Потоа, тука е и мојот есеј за неговата поезија што е објавен во неговата книга како поговор (книгата ќе ја добиеш деновиве). Конечно, ти ги испраќам и своите текстови за тебе. Така патем, фрлив еден поглед врз нив и, доколку се изземе младешкиот текст за „Кралот на лебедите“, тоа е, чинам, најамбициозното нешто напишано за тебе. Можеби се лажам, зашто не ги ни знам сите текстови што ѝ се посветени на твојата поезија, но верувам дека се најблиску до некаква можна вистина, ако таа навистина е можна кога станува збор за поезијата. Во секој случај, тие текстови ми се навистина драги и штета е што не ја доживеале својата вистинска промоција во рамките на една книга есеи. Тогаш до крај би се почувствувала и нивната тежина.

Најпосле, ти ги праќам и фотокопиите на оригиналниот текст за „Возбудата на јадрото“, објавен во „Књижевне новине“, како и преводот што не е објавен никаде и што веројатно еднаш, исто така, ќе се најде во некоја моја книга. Сепак, сакам да ги имаш.

Врз сето тоа, ја приложувам и одломката од својот роман, и тоа би било сè. Малку премногу за едно писмо. Но не ти пишувам така често, нели?

Инаку, веднаш започнувам со подготвувањето на тематскиот број на „Стремеж“ за кој се договаравме.

Во посебен пакет ти ги испраќам одбраните дела на Фулвио Томица, да видиш како отприлика изгледаат книгите што ги работиме сега, а тука е и една антологија на поетското творештво во Истра, во која сум застапен со неколку песни. (Да, ти испраќам и неколку други песни од книгата што во меѓувреме ја напишав, колку да видиш што работам).

Многу поздрави за твоите домашни.

Алдо


27.12.1990, Пула

 

Драг Санде,

ти благодарам на грижата околу моите ракописи. Секое појавување на мој текст во Македоија за мене има могустрано значење, а сега особено заради тоа што кон објавувањето пристапувам со значително поголема творечка одговорност. Но токму од тие причини така ме растажуваат печатарските грешки што губам секаква волја да печатам таму каде што немам никаква можност да бдеам над печатењето на мојот текст. Така се случи и со оваа одломка што е преплавена од грди грешки, што наместа сосема го обесмислуваат текстот, а наместа го отежнуваат неговото читање, доведувајќи ја во прашање и мојата елементарна писменост.

Те молам ова да не го сфатиш како некаква лекција. Едноставно, криво ми е што во „Стремеж“ во таа смисла се гледа стравотна негрижа. Тоа е толку занемарливо едноставна работа што е навистина недопустливо списанието да врие од грешки. Сега се сеќавам на првиот број што го уреди ти, таму само во импресумот имаше десетина грешки, па дури и името на техничкиот уредник беше погрешно напишано.

Знам дека тешко се раѓа секој број, но не можам да ти речам колку се обезвреднува сиот твој напор со таа немарност.

И уште нешто. Секако побарајте подобра печатница. Можеби „Просвета“ од Куманово или некоја друга. Разликите во цените се незначителни, дури и кога би оделе на поквалитетен графички изглед. А печатиш вака, а онака - исто ти доаѓа. Потребен е само мал напор околу печатниците, и тоа е сè. И тие немаат работа и можно е да се притераат до ѕид. Но, тука би требало да ангажирате некого што знае со нив. Разговарајте со Кочо Фиданоски. Можеби тој ќе ви помогне со некој совет. Па, не би било лошо малку и графички да го освежите „Стремеж“. Однадвор не се гледа никаква разлика меѓу оној „Стремеж“ што го уредуваше Блаже и сегашниов. Неопходно е и во таа смисла да му дадеш некаков свој белег.

Знам дека сево ова може да ти звучи како цепидлачење, но ако го направите тој мал чекор тој ќе донесе некои други ефекти што сега нема смисла да ти ги образложувам. Во секој случај, списанието не го прават само како-така објавените текстови. Тоа е и одраз на еден однос кон културата на книгата, а јас знам што тебе ти значат книгите.

Немав намера да те гњавам со работи што се секундарни во однос на самото творештво за коешто овојпат не зборевме, но ти се потпишуваш како главен уредник и „Стремеж“ е твое огледало...

Наскоро ќе ти ги испратам ветените материјали.

Многу поздрави за Весна и за Билјана

Срдечно, Алдо


27.3.2001, Пула

 

Драг Санде,

тоа што оваа ракатка свои песни ( во оригинал на хрватски јазик, главно оние што ги имаше и Чало) ти ги испраќам со толкава трема значи само тоа дека , кога станува збор за искрената поетска вдахновеност, нештата тешко и бавно се менуваат или, уште попрецизно, засекогаш остануваат исти. Откако со детално, долготрајно и напорно преуредување на сопственото его од него ја истругав и последната трошка младешка препотенција, откако ја соспрегнав својата „волја за моќ“ над песните, ми остана само да им се препуштам на табиетливите орфички играрии што ме радуваат со својата однапред зададена ветвост, со својата стилска патина (како некакви наслојки од многу пипкања) и со својата несомнена формална анахроност. Строг сум кон нив, но тие, така како што ги дал Господ, со своите напудрени, глазирани, небаре порцелански обравчиња, сосема „невоспитани“, како палави дечиња најнапред дотрчуваат пред блескотните и застрашувачки длабоки и пространи огледала на твоите песни, се огледуваат со пуста надеж дека нивниот одраз ќе биде колку-толку поубав и поведар, но веднаш, збунети и сосема посрамени, одново бегаат кон непрепознатливоста на студениот и истрошен поетски инвентар што е расфрлан насекаде низ непривлечниот и едноличен пејсаж од правливи рафтови. И секогаш кога вака (како во ова писмо) ќе се соберат на едно место, јас им се придружувам и сите заедно ѝ се поклонуваме на твојата голема и неспитомлива поетска уметност. Твојата поезија е кохерентен галактички систем со врамнотежени гравитациски средишта околу кои сè се врти по прозрачните, инвентивни еклиптики. Моите песни, и моето творештво воопшто, тоа се само неудначени небески парчиња, диви астероиди што се разлетани на сите страни по своите случајни патеки. Но, за среќа, во нив нема ништо катаклизмично, и затоа те молам: не биди престрог кон нив.

Прими многу срдечни позрави од далечниот север, каде што т`га за југ и не е само литературен поим.

Твојот

Алдо