Фахредин Шеху

ПЕНКАЛО


ТАЈНАТА НА БЕЛАТА РОЗА

 

Пролетта разделена

во снопови сончеви денови

ги милуваше испотените тела

и со зраците продираше во отворените пори

бојадисувајќи ги срцата со вечна надеж

 

Повторно слушам „било па минало“

како се нанижува

како жолта амбер броеница

на оној урбан осаменик

што го сретнав

пред белата роза да го отфрли

своето последно цветно ливче

и да ми ја открие својата тајна

за да ја пренесам како небесен подарок.


СРЦЕ

 

Полесно беше пред распукнатото

Огледало на твоето срце

Да ја видам бемката

Под адамовото јаболко

И печатот на сезнајниот ангел

Под десната мишка

Што ослободуваше миризби

Од небесните цутови

 

Денеска левото око

Само аурски черепи гледа

Темнозелени лишаи како лебдат низ етерот

И девет текстури девет вида магли

Со миризби од минерално потекло

Додека ја славам моќта на црвениот кристал

Што љубоморно со љубав

Го чувам во пазувите


СОНЦЕ

 

Брановите на Јадранот

Ги донесоа илирските икри измешани

Со обоената морска пена

И венската крв во бакрените

Пехарчиња со гравири на оуроборуси

 

Една кралица долу во Егејот

Застаната со свиткани

И на бедрата потпрени раце

Додека од папокот кон горе и кон долу

Ги шири сончевите зраци

Одраз на големиот и блескотен Шамаш

Вчудоневидена


ПЕСНИ

 

Видов некои како пишуваат и со левата и со десната рака

Песни што се довршуваат

Додека на верандата се испушува една цигара

 

Но кому му треба песна на чадот

При полна месечина и милина

Што од таа далечина ни ја испраќа

Габриел

 

И кому му требаат замаглени зборови

Што ѝ донесуваат астматични напади

На сестра ми

Жената на светот


ОДЛОЖУВАЊЕ

 

По којзнае кој пат

Се обидовме да ја победиме смртта

Ширејќи во секое доба на денот

Повеќе видови љубов и му оддадовме чест

На страдалничкиот живот

Во земјата со скриени пупки

На рози во бои на божилак

 

Успеавме како медиатори

Само да го одложиме моментот

На згаснување во Божјата суштина и

Вечното сознание не познавајќи ги

Сите волшепства и прелести на животот

Неоткриеното чудо

За илјада години и еден ден повеќе


ЗЛАТНО ПЕНКАЛО

 

Си спомнувам за покојниот вујко

Во една среда на некоја годишнина

Тој тогаш на мајка ми ѝ даде пенкало ТОЗ Загреб

Со златен врв од 24 карати

Како штафета да ми го пренесе мене

 

Војната и тоа го грабна со илјадници сеќавања

На имињата на луѓе, книги, натписи, записи,

Описи, списи, слики, привиденија и сеништа

Како бездна голтна дел од суштеството

Секогаш подготвено за љубов

И за детски палавости со животот

На безбројните почетоци

На безбројните краеви


МАЈКА

 

Знам дека низ вечноста мајко

Се трудеше од неа да го донесеш пред темнината

Блесокот небесен да ја раздени пустелијата

Што ја создадоа луѓето и нивните изопачени поданици

Што арачат низ срцата на слабите и неопитни души

 

Моето јаство громко како млазен авион

Ми го кажува певот нанижан како

Ѓердан од маргаритки околу вратот на синоока девојка

со дамки по лицето и со руса кадрава коса

Околу столбот на мојот здив

Со милозвучни тонови да се врти како Семазен

Да ме доведе до прагот на екстаза

Таму да го чујам крикот на отворањето на небесната порта

Да го почувствувам мирисот на амберлин

Од устата на хурија што доаѓа како

Здив од усните во студена зима

Таму в чело да го бакнам својот Матрикс

И да го соединам етерското со небесното

На крајот од краиштата со телото Господово

Да ги видиме нашите злосторства

Како усогласени списи во Нинивската библиотека

До ги видиме стеблата од семките

На нашите дарби и добрина како либанските кедрови

И да го почувствуваме мирисот на четинарите

Со нивната смола да го смириме гладот

По вечноста и конечно да му се вратиме Нему.


ЉУБОВ

 

Минатите денови на мојата невина некогашност

Ги довикувам со молба уште еднаш да го почувствувам

Вкусот на зелените овошки и развигорот

Што ги бранува нишките на недозреаното жито

И зимската идила на Јапонија од Вернер Бишоф

Во зимската идила на Балканот

Што длабоко се врежала во сивиот дел

На моето мозочно ткиво

 

На таблата на Раким

Втисната во моето срце

Со златни букви се впишани зборовите

На неименуваниот ангел

Додека другите се збунуваат

Јас го читам првиот, средниот и последниот

Збор

Љубов


ПРОКЛЕТНИК

 

По разделбата на нејзините родители

А оттогаш има дваесет и осум години

Ленора никогаш повеќе не ја сретнав

Да ме поздрави со бакнеж

и со здив на бугарска роза

Некој проклетник уништи

Две љубови и го скрши тркалото

На нашите судбини

 

А ниту него не го сретнав

Бог да го убие!

 

Толку години додека со броеница

Ги нижам простувањата за проклетникот

За секое простување по едно сино

Небe се отвора над младите

Додека се бацуваат и на секоја фрлена икра

По едно соѕвездие се втемелува

Да го симне бремето од неговите плеќи


ИЗГАСНАТА ВСЕЛЕНА

 

Дваесет и осум години

бев тивок како олтар напуштен и

Без верници жртва сепаленица да му принесат

И молитви да испратат

 

Залудни надежи верници

Ѕвездите одамна паднаа

Како искинати бисери од свилената нишка

На мразна подлога

Од моето кристално битие

 

Требаше уште други осум човечки и

Осумдесет илјади ангелски години

Таа да стаса

И да создаде нова вселена.


ПРЕНЕСУВАЊЕ

 

Наеднаш низ воздухот

Пуштив соблазниви мисли

Да го шират сумпорниот мирис на злото

Како предупредување на умните

 

Сега ние

Самица на јаството

Душата ја закрепнавме со озонска свежина

Натоварена со љубов

Искрено речено сега чувството

На идните кралеви е крунисано

Со инфразвучна слава

Таа се одразува во срцата

На вечните младунчиња

Од армијата поети што Господ ги одбрал

За пренесување на небесните мудости


РАЗДЕЛБА

 

Додека тишината зуи

Во ушната опна на електронските мисли

Создава божилак при секој скок

Од едната во другата орбита

 

Сите болки на светот го исклучија

Струењето низ измаченото ткиво

На вечно младите срца

Од едното до другото

 

Ги бројам гранулите на изминатите денови

Додека паѓаат во долниот дел на клепсидрата

И остатокот го гледам безнадежно

Како го следи текот како овци

Зад овенот

 

Како овчар ги милувам роговите

На денешнината и пуштам роса

Солзи на разделбата



Во соработка со авторот, на македонски јазик од ракопис превел Алдо Климан (во 2017 година).