7 мај 2019

 

ЗАЕВ СЕ ОБИДЕ ДА ГО  „КАСНЕ“ ПАПАТА ФРАНЦИСК

 

Зоран Заев веќе нема да „јаде живи луѓе“. Неочекувано стана морален вегетаријанец.

 

Со доаѓањето на папата Франциск во Скопје се случи чудо невидено. Големиот муртински гурман Зоран Заев, што многу ужива да „јаде живи луѓе“, и потоа да си ги расчепкува меѓу забите, па пак да ги џвака низ обвинителства, судови и зандани, па да ги пушта, да ги уценува, да ги носи во Собрание на гласање, па повторно да ги апси, и да ги „јаде“ сѐ додека се живи и се прпелкаат, наеднаш - ама како со рака однесено! - го изгуби тој свој прочуен канибалски апетит, и цврсто реши веднаш да премине на морално вегетаријанство. Е бре папа, папа, кај беше досега да ни го просветлиш Заева, да го упатиш на таква здрава диета, на пост од „јадење живи луѓе“, и во него да го вдахнеш овој невиден благороден христијански дух на концилијантност и благост како кај вистински западнобалкански светител и беспрекорен доброчинител, визионер и антикорупциски, најчесен лидер во регионот, со еден збор „човечиште“, кое така копнежливо кон небо ги поддава своите валкани раце, наеднаш полни со милост и потреба од ширење заемна љубов, братство и „инклузивност“ (збор што му е особено мил, иако некој треба да му каже што значи тоа).

Но добро, сепак мораме да се согласиме дека меѓу папата Франциск и Заев се случила некаква чудна хемија, или пак можеби протоколот и швајцарската стража претходно го известиле папата дека на Заев многу, ама ептен многу му се „јадат живи луѓе“, дека умира од мерак по тоа ладно(крвно) јадење што се готви по „балкански методи“, според рецептот на еврохуманистот Хан, и со црни големоалбански мирудии што во нашиот северџистански парламент се викаат „европски знаменца“, а ги патентираа четирите кралеви, Али Ахмети, Талат Џафери, Бујар Османи и Артан Груби, па едноставно папата се исплашил Заев и него да не го изеде. Зашто, лесно е „на пресно“ да ги „јадеш“ домашните невини „живи луѓе“, ама да каснеш барем малку од папата, уф, каков свечен залак… Па сите јасно и недвосмислено го видовме на ТВ тој опасен канибалски настан на аеродромот, што некогаш се викаше „Александар Македонски“, кога папата Франциск, како да го удрила струја, одненадеж панично отскокна на страна, бргу си ја тргна раката кога виде дека Заев нагло ѝ се доближува и се готви да ја касне. Дури не дозволи ниту да си ги допрат образите, зашто Заев можеше нагло да му се сврти и таму да го загризе. Море, добро е што сѐ се заврши така бенигно, зашто, знаете, Заев кога „јаде живи луѓе“ едноставно не знае да застане, „јаде“ и „чисти“ сѐ пред себе, па можеше така да ни го изеде и „ живиот“ папа Франциск. И кој потоа ќе им докажеше на светот и на македонскиот народ дека тоа се случило само поради канибализмот на Заев затоа што многу сака да „јаде живи луѓе“, а не затоа што папата всушност го навредил него како орвеловски државник, именувајќи ја Република Македонија со ступидниот евроатлантски поим „ваша земја“, а македонскиот народ, т.е. нас Македонците, со евроатлантската бесмислица „ваш народ“. Зашто, знаете, кога некој така безобразно и така навредливо ги именува нашиот народ и нашата држава, тогаш Зоран Заев, тој патриот над патриотите, едноставно полудува од лутина и му иде веднаш да „јаде живи луѓе“, па дури кога е во прашање и самиот папа; ете, толку на западнобалканскиот канибал Заев што „јаде живи луѓе“ му се бескрајно важни нашето македонско име, нашиот македонски национален идентитет и нашата држава Република Македонија, што е во состојба без двоумење да се омрси дури и со Светиот Отец.

Но да се јаделе папите така лесно како што лесно се „јадат живи луѓе“ во нашата кутра Македонија историјата би изгледала сосема поинаку. Иако Заев и тука е многу оригинален: си спомнувате, нели, кога профетски повторуваше дека е доста со минатото и оти „Македонија мора да создаде историја“, а тој тоа заевско „создавање историја“ го замислувал како „јадење живи луѓе“. Е сега само претставете си колку пак оригинална нова историја Заев би им создал на Европа и на Македонија да го изел папата Франциск!

Да констатираме: неуспехот на Заев да го касне папата конечно означи крај на „создавањето нова“ европска историја. Папата си замина од, како што рече, „вашата земја“, испратен од, како што рече, „вашиот народ“, цел и неизеден, дури ниту каснат, а Заев, пак, исполнет со папинскиот дух на толеранција, разбирање, соживот, се „покрсти“ во прекрасен „морален вегетаријанец“. Така прочистен, пречистен и причестен, испран однатре и однадвор со папинската духовна варикина, наеднаш бескрајно снежно бел во душата, Зоран Заев, тој оригинален создавач на новата македонска историја и хуманистички лидер на „Западниот Балкан“ што „блескоти“ и ги восхитува Европа и целиот свет со својата оригиналност на национално самоубиство и „јадење живи луѓе“, по своето метафизичко искуство со папата, вака ни се обрати:

„Јас верувам“, рече Заев, „ дека сите ние треба да учиме од мисијата што Папата ја шири по светот, а тоа е поголема верба меѓу нас, да ги искорениме сите слабости што продуцираат многу непријатни ситуации. Тоа се болни прашања за граѓаните. Јас верувам дека треба да продолжиме да бидеме добри луѓе, професионално ориентирани секој во својата област. Овде на Западен Балкан треба сите да се подобриме во сите тие области и да продолжиме да работиме во таа насока. Во Република Северна Македонија имаме многу работа на сите тие полиња, на лажните вести, на граѓанскиот концепт на живеењето, на прашањата на одговорноста и транспарентноста“.

О, не, не, стоп, стоп, стоп!...Доста!

Зоране Заев, тоа кажувај си го себе си пред огледало. Ние многу добро знаеме кој си ти и нема до крајот на твојот беден живот да престанеме да те потсетуваме и тебе и целиот свет кој си ти и какви злостори стори:

Ти си еден расипан градоначалник кој, филмски документирано, бара ПОТКУП од 168.000 евра, „едно за Вицето, едно за црквата“...

Ти си шаренореволуционерниот организатор и уривач на националното добро и фрлач на куртони со боја по државните имоти

Ти си извршител на државниот удар во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година

Ти си црн велепредавник што на своја рака и со еден единствен потег на Бугарите им го предаде целото наше македонско културно-историско минато, нашиот мајчин македонски јазик и нашиот национален македонски идентет

Ти си тој што ја прифати и до последната запирка, па и преку неа, заедно со својата кримогена партиска и големоалбанска клика ја спроведуваш црната големоалбанска агенда, зацртана во Тиранската платформа, претворајќи ја Република Македонија во бинационална држава и отворајќи процеси на насилна албанизација на Македонија, без какви и да е правни основи, втемелени на етничките реалитети во нашата земја

Ти си тој што со Преспанскиот договор на Грците мизерно им го предаде нашето оригинално античко минато, и го поништи постоењето на вистинската, историски создадена Република Македонија, создавајќи вештачка квислиншка творба со телефонски договорено име Република Северна Македонија, која нема да ви опстане, па што и да си мислите сите вие црни домашни фашистоиди, со сите оние надворешни фашистоиди со кои сте се скомпале во најневидениот етноцид во историјата

Ти си тој што варварски, дивјачки, насилно, со бедни уцени и криминални поткупи, застрашувања, и Бејлиевски и Хановски „балкански методи“ го отвори Уставот на Република Македонија за да ѝ го смениш името, и сосема да ги избришеш сите објективни и непобитни историски траги и белези на нејзините асномски темели од 1944 година

Ти си тој што се откажа од македонскиот народ во Пиринска Македонија, во Егејска Македонија, во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, и секаде низ целиот свет

Ти си тој што од ден во ден, од час во час пред целата светска јаност го понижуваше и го влечкаше низ кал македонскиот народ, тој наш стар, прекрасен народ, еден од најдревните во Европа, народ што на светот му ја подарил словенската писменост и создал дела од немерлива уметничка и духовна вредност, што одамна се приопшетени кон светското цивилизациско наследство, како што се прекрасните македонски цркви, манастири, средновековните икони и живописи, и бесмртната македонска народна песна, што ја почитува и токму како македонска ја пее и ѝ се восхитува цел свет

Ти си тој што во македонските затвори во нечовечки, средновековни услови ги држиш вистинските македонски патриоти, а на слобода ги пушташ озлогласените криминалци и разбојничишта

Ти си тој што формира ступидни велепредавнички комисии да тргуваат со македонското културно-историско минато и заради кретенско редизајнирање на историските вистини во учебниците преку кои со лаги, невистини и полувистини треба да се трујат нашите деца; тие твои велепредавнички слуги по комисиите, што заедно со тебе се спуштија во моралното подземје, треба да умрат од срам поради тоа што го прават; тие не се никакви комисии, туку најобични велепредавнички, дилетантски касапџии на историските и културолошките вистини

Ти си тој што целосно ја партизира јавната администрација и сите јавни претпријатија, само затоа да можеш, како своите поданици така и оние што не можат ни да те видат ни да те смислат, егзистенцијално да ги уценуваш и бескрупулозно да ги злоупотребуваш за своите болесни апсолутистички цели

Сето тоа си ти, Зоране Заев, и многу, многу повеќе и пониско од тоа.

И никаков папа, па ни папата Франциск, тој твој мрак не може да го просветли и ниту пред Бога ниту пред народот да го пребрише. Твоите празни политикантски флоскули и фразерски лигавења течат и се слеваат од клоаката на твоите поданички медиуми, морално и на секој друг начин загадувајќи го духовниот и рационалниот простор на македонскиот народ, кој многу добро знае и што е човеко и национално достоинство, и што е чест, и што е традиција, и што е сопствено и национално име, што е и што значи сопствениот идентитет, и што е и што значи имање сопствена суверена држава, а не држава велепредавнички, квислиншки претворена во импотентен северџански протекторат на големобугарските, големоалбанските и големогрчките освојувачи кои, Господе поможи, благодарение на твојата мудра „големопријателска политика“, дури се готват со свои воени авиони да го „чуваат“ нашето македонско национално небо, се разбира, онака како што лисицата би го чувала пилето.

Е, со сево ова, со сите тие твои свинштини не се мириме.

Постои и ќе постои Македонија.

Постои и ќе постои Република Македонија.

Постои и ќе постои македонскиот народ.

Постои и ќе постои преубавиот македонски јазик.

Да, за жал, имавме таков кʼсмет да го добиеме најголемиот одрод и велепредавник во светската историја - Зоран Заев, со својата квислиншка и големоалбанска клика, но тркалото на историјата се врти, и пак ќе дојде на нашето, на изворното, на реалното, на достоинственото. Ништо од овие хистерични сеништа нема да остане, освен длабоко црна и горчлива епизода во македонската историја.

Затоа, Зоране Заев, секојдневно ќе добиваш по една ваква порција на чиста Вистина за тоа кој си ти и што си, за да не се занесеш по папинската светост и да не си вообразиш, како штотуку си вообрази дека и ти си небаре некаков Балкански Папа - вистинско „чудо од детета“. Зашто, твоите лигави „слатки“ папизирани зборови се само најобични „слатки отровни балкански методи“ на евтина, проѕирна измама и заведување, кои, како што впрочем веќе и тебе ти е сосма јасно, вртолумно девалвираа кај македонскиот народот и кај сите граѓани на Република Македонија. Таа твоја политикантска „валута“ е најобичен фалсификат и веќе одамна е сосема безвредна на моралната курсна листа, дури и кај твоите надворешни спонзори. Зоране Заев, разбери, следи сосема поинаква разврска од онаа што ти си ја замислуваше.

Во меѓувреме, во Ватикан веќе е оформен форензички тим кој, добро запознаен со твојот неспитомлив гурманлак за „јадење живи луѓе“, воопшто не му верува на твоето преправање дека наеднаш си станал „морален вегетаријанец“, и најсериозно и најфокусирано ги прегледува и ги проучува инкриминираните аеродромски канибалски снимки со твојот терористички обид да го каснеш или дури и да го изедеш „живиот“ папа. Е, тоа ти беше навистина глупаво, како што впрочем изгледаше глупаво и твојата шокирана муртинска фаца кога притоа папата те откачи.

     

07.05.2019, Република.мк. Online

Заев се обиде да го „касне“ папата Франциск

https://republika.mk/kolumni/zaev-se-obide-da-go-kasne-papata-francisk/