24 февруари 2017

 

СЦЕНАРИО ЗА ПАРЛАМЕНТАРНО САМОУБИСТВО

 

Не по врат, ами по шија! Така стојат работите со албанската Платформа. Го пишувам зборот Платформа со голема буква, затоа што таа и натаму си останува на сила, и за неа, за жал, уште многу ќе слушаме. Да не се лажеме, сѐ си остана сосема исто. Платформата е донесена како документ и таа претставува јасна големоалбанска Програма за Македонија од која албанските политички лидери од Македонија и радикалните политички лидери од Албанија никогаш веќе нема да се откажат. Инаку барем еден од нив, барем од граѓанска куроазија, би ѝ се спротивставил на таа историска бесмислица и политичка смешка со опашка?!

Таа приказна со божемното повлекување на барањето за двојазичност на целата територија на Македонија е само приказна за мали деца. Политички гледано, тоа е замислено мошне итро (ова е еуфемизам) психолошкиот ефект кај македонскиот народ и кај другите народности во Република Македонија да биде голем, да се почувствува „силно” олеснување - уф, добро е, се откажаа од најрадикалните барања! Но, господа, сега е премногу доцна за први впечатоци! Недвосмислено ги деклариравте нереалните албански апетити, со уценувачки „црвени црти”, тапани и големи зборови (и меѓународно!) затропавте на голема врата за официјална двојазичност на целата територија на Македонија. Не ви помина, а шуќур и не можеше да ви помине така лесно заради уставните ограничувања. Сега во нова целофанска опаковка со панделка ни ги подметнувате комплетно истите идеи за двојазичност на целата територија на Македонија, овој пат тропајќи на малата врата.

Со романтично лежерен тон веќе се зборува дека нема причини со Зоран Заев да не се најде заеднички јазик околу другите отворени прашања (јас додавам: од Платформата!); албанските политички лидери веројатно со право си се оптимисти за брз договор со тимот на Заев, однесувајќи се како целиот пакет за официјална употреба на албанскиот јазик во институциите на централно ниво, Владата, Собранието, судството и државните органи да е мачкина кашлица, а не прашање од највитална важност за една унитарна држава каква што е Република Македонија. Најлежерен меѓу лежерните, пак, професорот Осман Кадриу екс катедра зборува за законот за албанскиот јазик како веќе свршена работа; само малку, вели тој, ќе има проблеми со судските и управни постапки на албански јазик. А ќе имало, се вели во изјавите на албанските лидери, уште малку проблеми и околу тоа како ќе изгледаат двојазичните банкноти, како да станува эбор за некое нумизматичко прашање, а не за тотална дистрибуција на официјалната македонско-албанска „платформска!” двојазичност низ целата територија на Република Македонија преку емисија на билингвалната македонска национална валута која ќе се врти и до најзафрленото македонско село. Се надевма дека таков уникатен монетарен монструм никогаш нема да се појави во Република Македонија! Впрочем, бидејќи се колнат во Европа и се сметаат себеси за единствени вистински реформисти, и оти токму тие Македонија по краток пат ќе ја однесат таму, зачудува што платформистите наеднаш забораваат дека во Европа, во таа земја на демократски и други волшебства, веќе постои една позната валута што се вика евро и што веројатно ќе си ја  прифатиме, па чуму ни се толкави двојазични циркуси околу сето тоа, ако не од јасните платформиски причини?

Околу промената на знамето, химната и грбот (сѐ уште сме до гуша во Платформата!), албанските лидери убаво си велат дека, бидејќи е потребно двотретинско мнозинство, за тоа ќе се разговарало во парламентот, па тврдат, како гледачи во филџан, дека околу тоа и ќе се постигнел договор тогаш кога, како што сметаат, и така нашите симболи ќе мораат да се сменат при влегувањето на Република Македонија во Европска Унија, иако не е познато каде само го прочитале тоа, каде пишува тоа дека тогаш мора да се сменат нашето знаме, нашата химна и нашиот грб, освен таму каде што тие тоа си го запишаа, во (божемно напуштената!) Платформа што сега никако не може да им помине без уставното двотретинско мнозинство во Собранието?!

Колку убава романтична слика за соживот во „балканска Швајцарија” ни нудат платформистите! Сапуница од која солзат очите и печат другите нешта! Па зарем до таа розова романтика не можеа да дојдат и по поедноставен и покус пат, да речеме, пријателски, цивилизирано, а не со агресивни Платформи и „црвени црти” под кои не се оди?! Парламентот, господа, е вистинското место каде што се зборува и каде што се одлучува, па и за најделикатните работи во државата, а не со уцени, постизборни измислици и грабежливи досетки по партиските штабови на некои случајни адреси каде што по неколку луѓе од едната и од другата страна - божемни тимови - одлучуваат за судбината на цел еден народ и на бројните народности на една суверена држава. Вистинските тимови што на изборите добија мандат од народот имаат место во Собранието, и тие треба таму да поставуваат прашања, таму да даваат предлози и одговори, и таму да донесуваат одлуки, пред сѐ, врз основа на јавно презентираните предизборни програми, зашто на овој и ваков начин, не само што ги измамиле бирачите, туку со новоизмислени постизборни заплети и патрдии, целокупната македонска јавност ја држат како кутар и немоќен заложник на неколкумина крајно амбициозни политичари од двете страни, самопромовирани во мали богови.

Цинизмот со кој денес внатрешните и надворешните непријатели им пристапуваат на македонскиот народ и на македонската држава е навистина безграничен. Нашата национална култура со длабоки европски корени, нашиот преубав македонски јазик, нашите благородни традиции, надалеку познатата и почитувана македонска народна песна и танц - опстојуваат со векови и успеаја да устојат пред најнасилните освојувачки и ограбувачки политики, за жал, најчесто и пред сѐ од страна на нашите први соседи. Таа болна историска судбоположба на Македонија и на македонскиот народ писателот Славко Јаневски ја нарече „Оковано јаболко”. Сега уште подобро знаеме зошто. Но сепак, издржавме сѐ, опстанавме, си ја создадовме својата сонувана држава Република Македонија, а сега цинично како на малоумни, ни сугерираат од неа да се откажеме сами, сами да си се укинеме во сопствениот државен парламент со донесување некакви закони и подзаконски акти за двојазичноста под нивото на одредбите на Уставот. Обичните друштва и здруженија на граѓани во сите општества и држави, па така и во Македонија, имаат во своите Статути одделни параграфи и членови кои даваат можност, доколку за тоа има потреба, самите друштва да си се прогласат за веќе неактивни и едноставно да донесат одлука да престанат со работа и да се изгаснат. Нивните имоти им се препуштаат на слични организации или ги презема и ги распродава државата. И ете, токму така платформистите и нивните домашни и странски поттикнувачи и подржувачи ја замислуваат и Република Македонија, како некое обично здружение на велосипедисти, рибари или собирачи на габи кое веќе не функционира, па треба во сопственото национално Собрание со ситни законски прописи да си донесе парламентарна одлука за општо самоубиство и да си се изгасне, а имотот - нашата Татковина - да им се раздели на комшиите и на другите заинтересирани. Зошто, си мислат тие, на уништувањето на македонската држава и македонскиот народ и натаму да се трошат меѓународни финансиски средства, или пак одново да се применува воена сила, кога Македонците можат сами да си пресудат и во Собранието на Република Македонија, во срцето и душата на нашата државност, врз основа на Платформата (од која, ве молам, платформистите се откажале!) да донесат закони и одлуки за општонационален и државен суицид, најфантазмагоричен проект и преседан во светската историја?

Но реално говорејќи, во овој момент, исполнет со толку голема доза на напнатост и крајна идеолошко-политичка поларизација во македонскиот народ, до омраза! - со опсесивни, речиси хистерични заемни (не)расположенија на сите страни, со нерационални и екстремни национално-политички амбиции и барања од страна на албанските политички лидери, и под неподносливо неприфатливите притисоици од соседните земји и од блазираната европска бирократија, навистина не постои нормална цивилизациска атмосфера од која за Македонија воопшто може да произлезе што и да е добро.

Треба јасно да се каже дека Македонија мора да си земе здив и свесно, далеку поподготвена и сосема смирена да излезе на нови парламентарни избори. Овие и така и така испаднаа најбедна, но и многу опасна фарса! На Македонија никаде не ѝ се брза! Посебно не кога се во прашање најважните историски одлуки за нејзината судбина. А тоа дека е наводно нужно „итно!” да се формира влада по секоја цена, па и по цена на некаква неприродна широка коалиција, зашто божем „веќе нема време за губење” - тоа е само уште една од недемократските и пренадуени европски фами што, според веќе опитените рецепти и методи со другите поранешни и сегашни земји-кандидатки за прием во ЕУ, невксуно и застрашувачки ја пласира Брисел, туркајќи нѐ безмилосно и безумно во неповратна агонија на нашето целосно саморазобличување, саморазнебитување, самоодречување, откажување од сопственото свето македонско име, од името на Република Македонија, и кон конечно и неповратно исчезнување од мапата на светските народи и држави.

Па зарем сме толку споулавени да си го сториме тоа смртно зло?!

 

24 февруари 2017, Дневник

ЗАРEM СМЕ СПОУЛАВЕНИ ДА СИ ГО СТОРИМЕ ТОА?

http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=977049802B9B9748A9C149B53F37A758