ГАТАНКА

 

1.

 

Ако ме прашаш што е ова со нас, Балдо, не ќе можам да ти одговорам. Сѐ имам впечаток дека нѐ мисли некој избезумен. А можеби е и тоа само погрешен влез што води во некоја перална или кујна за умоболни. Гледаш дека со лизол ги прскаат буништата, а стотици луѓе чекаат за вакцина. Никогаш не умеев да ги толкувам таквите знаци. Погледни го, погледни го татко ми. Го познавам само таков: дел од раката што го поместува тешкото перде и половина лице што ѕирка низ процепот. Окото му е придушено со сенка. Аголот на усните како да здржува некаков збор. Јаготката е испакната под тенката кожа. Постои само чело со призрак на ведрина и гордост. Никогаш не е отворен тој невесел прозорец, Балдо.

Зошто сме така разурнати, надвор од секаква јасна смисла и помисла, како испотени сонувачи што не ја знаат сопствената цена, стутулени во оваа необјаснлива ноќ, со многу ќори врати што трескаат на продув? Криенка, Балдо, миженка. Ваму рака, таму нога, овде глава, онде града. Немаш можност за здрава проценка, ниту за избор. А ако само за кратко истапиш од редицата повторно ќе те вратат назад, на крајот. Молчи затоа, збиј се меѓу другите, ха, ха, ха, клешти му се на лудиот што се измамил, што истрчал од редот на влажна ветрометина за да ја фати залудната среќка, испадната од нечиј продупчен џеб. Но, тоа си… па, тоа си ти, Балдо! Господар на февруари, сʼскач на калдрмата и студот што се апат како замелушени кучиња. По што трчаш? И дали воопшто нешто лета пред тебе? Дали тоа навистина е лоз со број што добива? Не е ли тоа само некоја дамна загубена порака, фрлена од висок прозорец или, пак, миг на твоја раздразнетост, волја за подбив со нашата згрченост, со нашата страотна одземеност?

О, сепак е тоа само парталче светлосна пареа, откината од нечие скапоцено спокојство…

 

2.

 

Како дечиња го грепкаме скрежот на тенките џамови: долу се гаснат светилките и само по некоја забрзана, поднаведната сенка, крцка во снегот. Во ходникот, на чкрипавите дрвени скали, меѓу два збора, кашлаат некакви загрижени старци. Ако ставиш памук во ушите - тишината шишка. Извади го сега.

- Молам?! Не те слушам! Не, ништо не слуша, само шушка!

Извади го памучето… памучето! 

 

3.

 

Играјќи карти, некој ги замешал годините. На масата, како безполезен жетон, остана неискористен датум на врвот од мојот молив. Замисли се, Балдо, себеси како роден комарџија, кој наеднаш не умее да дели карти. Некој ги измешал годините. Ете, улицата бр. 33 со заборавен чевел во градината, меѓу неуредените цвеќиња, не спаѓа во мојот живот, а Андроника ги однесе топлите семејни насмевки во Улан Батор, иако долго ги впишував во детскиот споменар. Сега мами-галениче е мој кустос, а ти си само дрзок пешак во некоја разбиена војска, залутана во безизлезни мочуришта. Никој не е во состојба тука да воведе ред, Балдо.

Напрегнато ослушнувам: ќе дојде ли некаков знак со маглата и снегот?...

 

4.

 

Долго трае папсаноста. И тоа е цело богатство. Со години ја вежбаш мислата да демне, нервот да се напнува за секој случај, во име на безимениот копнеж. Окото крвари од долгото гледање во измислената светлина, зад која нема ништо. Помисли само на некои нејасни караници без исход, на гугања со непознати жени по валкни возови што доцнат со денови, со месеци, со години, и никој веќе и не ги очекува; на санкања во ламаринени корита, на тешките, неостварливи обиди да молчиш, да се иставаш, да најдеш длабок кртичник во кој среќно се гладува… И секогаш готов за скок, секогаш наежен како дива ѕверка, освежуван со горчливи пијалаци и полни дланки апчиња, стаписан од гревот, остануваш само здодевен командир на својата стражарска поспаност.

А формулата, како дете во игра, оптрчува околу тебе - без да ја забележиш.

 

5.

 

Можеш да ја согледаш сета непојмливост на човечкиот вриеж околу шупливото стебло, во кое си засолнет за кратко и низ чија пукнатина ја гледаш темната историја на островот, што ќе се откорне од дното и што, најпосле, сосема ќе отплови. Тука, зад кората, шепотат, намовнати од страв, дека повторно се доближува ледено доба. „Но, пред тоа, ќе дојдат големи суши. Зарем не чувствуваш танталска жед? Зарем не те драска грлото? Еве, и реките се тенки, до глуждови, на рибите им пукаат меурите. Ти имаш многу убави шишенца, реторти, епрувети и пинцети… Ќе  можеме ли некако да го спасиме светот?“

 

6.

 

Беше толку природно да се заборави некој што заминал. Колку и да демневме над потребата во нас да го зачуваме неговото име, ликот, или барем само некој негов белег - тој, сепак, неповратно исчезнуваше од спомените. Едноставно тоне и не можеш да му поддадеш рака, зашто ќе те голтне истиот плашт.

Но, ти беше нешто друго, Балдо. Твоето враќање и по многу, многу години остана единствен мотив на нашето живеење. Во самраци, крај огниште, од рака в рака одеа твоите зборови како драги, стари, истуткани фотографии, ги прелистувавме твоите тврдоглавости како неочекувани писма по кои животот добива нови димензии. Ти мораше да се вратиш, опален во лицето, зрел, со смирен поглед, пеш, со рацете в џебови, со задигната крагна на мантилот, стегната под цврстите, решителни вилици, ноќе, можевби на полноќ, сам, тивок, спокоен. Знаевме дека ќе ги чуеме само твоите чекори на басамаците и тивкото поткашлување, поради кое те оставаа девојките.

. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .

. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .

. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .

. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .. . . . . . . .

Можат ли да се преиспитаат овие празнини? Да ги ставиме на индијански маки, под полициски светла! Можеби ќе проговорат.

. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .

. . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .

 

7.

 

Не, не. Гледаш дека ништо не можеме да заокружиме. Што да се сумира? Сѐ што ќе допреме се претвора во јазел. Не уверувај ме дека така треба да биде. Тоа не е хаос што кога и да е ќе може да се доведе во ред. Тој се умножува прогресивно, како протозојска делба. Зар да се зајде под бреме? Одговори сега со „да“.

„Да“.

Немам веќе сили за споредување. Нешто мора да се вкрсти, нешто мора да се пресече. Во оваа редица, зимурлива, глупава, секојдневна, се оди педа по педа. Ние сме родени за поголеми чекори. Затоа и го сакам твојот ризик. Можеби оној лоз и носи вистински број. И којзнае дали редицата некогаш ќе стаса до некаква цел. Ти, надвор од неа, слеп за неа, нејзе туѓ, ти си поблиску до светиот бунар.

 

8.

 

Некогаш ти беа драги зборовите, како послушни животинки. Ги тераше да скокаат низ огнени обрачи, ја ставаше главата во нивните ненаситни челусти, ги тераше да трчаат на три нозе, ги камшикуваше. Сите имаа свој кафез, свое хранилиште и место за нужда. Идеа по тебе, минуваа низ твоите планови, некои и буричкаа таму, а потоа вјасаа за да ги стасаат другите. Уживаше да ги подредуваш, да господариш над нив, да им се инатиш, да ги гушкаш, да ги оттурнуваш. Навистина умееше да ги подариш, мајсторски завиткани во убава хартија, гладни и дрски. Трагаше по нивните родослови, откривајќи ги невини, сродни, преправени, кутри, богати, - и тогаш се апшминкуваа пред тебе како пред своја навика што ги прави рамнодушни. Низ твојата соба минуваа во комбинезони, или, дури по гаќички, без срам и перде, надојдени од миродиите на својата хибридна меѓузависност, поради што те сакаа исто толку колку и што те мразеа. Како со ученичко сунѓерче ги размачкуваше сите нивни шанси. Ги учеше како да те слушаат. Но, тогаш беа само дечиња. И ти знаеше оти ќе пораснат, оти ќе влезат во пубертет без табиет и оти, најпосле, ќе ја почувствуваат твојата тешка рака.

А, еве сега, кога тоа се случи, ти си збунет не помалку од мене. Те зачудува нивната непослушност. Токму едниот ќе го вратиш во куќичка, другиот веќе трча низ тебе како пиленце низ селски двор. Де, фати го, врати го, кога (глеј!) таму два други се прескокнуваат, а еден стои на глава. Нема да ти помогнат никакви молења да те разберат. Треба најнапред да ги очеличи животот. Не биди нестрплив. Вака нескротливи, диви, нејасни, тие носат крошнички со многу прегради. Затоа и не барај да те сфати првиот (случаен) соговорник.

 

9.

 

Така е и во нас. Нема наредба што ќе ги доведе нашите чувства во строј. Ова е безглава војска. Секое носи различна униформа, секое опседнува друга тврдина, секое има поинакво оружје и нови средства за мимикрија. Лазат низ февруари во потрага по засолниште. Нека изѕемне другото! Потребно им е спокојство, одмор, одмор! И сите го мислат истото. Сите се „за“, но не сакаат, не, не, немаат намера да се чујат. Хронос мирно ги остри забите. Тој носи белег на шушкач во кој имаме премногу доверба. Затоа ги снемува полека нашите стражи. Само уште овде-онде се слуша: Стој! И тоа сѐ потивко, сѐ попретпазливо.