ЗАБРАНЕТА ОВОШКА

1970 - 1972

ОЛОВЕН КАФЕЗ

СОБА

 

Дали е ова времето што го чекаме, времето во кое ќе се речат сите премолчувања?

Нема оправдување за светлината. Нејзиниот ненадеен продор само го нарушува тивкиот полусон на задушливата соба; во модри фракови (и голи) ја премеруваме тајната што не е поголема од страните на светот, зад кои ќелиите на едно исто животно остануваат вечно издвоени и туѓи. Пријателе, сеедно е дали врвот од ножот ќе го следиш до семирското дно или до дното на мојата мисла. Осеката секогаш зад себе остава смрдливи треви; но ти си голем ловец и нека не те заведуваат тие прочистувања на царството што ти припаѓа. Сѐ додека - како најтежок злосторник - зад себе ја влечкаш Земјината топка, ќе бидеш принуден да крадеш, та макар и од себе, ако другите не си ги открил. Нема меѓу нас таков кој е достоен сам да го понесе копјето на зборот. А кој ќе ги собере во едно сите наши ужасни страсти, добрини и зла?

Ова сѐ уште не е времето што го чекаме, времето во кое ќе се речат сите премолчувања.


СОКОЛ

 

Зелената харфа под твоето крило

низ обцветот снежен расејува ноти,

та ајгарот звучен кој ли ќе го скроти

пред да биде она што некогаш било.

 

Младо срце имаш, топло женско око,

на секоја усна нежен збор за спокој.

 

А лудуваш сега низ замокот темен

како рој од муви над бојното поле;

(небото го смени она што е доле,

соголено гние првичното семе).

 

Старо срце имаш, луто змиско око,

на секоја усна страшен крик на сокол.


БАЈКА

 

Овенати магли го шараат сводот,

прозрачната шума виленски се мие,

и потокот зборлив го стивнува одот -

врз утринска солза Орбероза спие.

 

Но залутан шепот го ранува сонот:

некој тивко ечи во мократа трева.

Занишан е светот ко кристално ѕвоно,

јато тажни птици од роса се крева.

 

Едно болно леле срцето го стега;

покус, здивот румен во црно се бои,

исплашена, срна на љубовта бега

пред тешката клетва на смртниот воин.


ШУМА

 

Во каменот длабат есенските води,

над бурјанот утро како сребрен ѓул,

од стебло до стебло звукот таен оди

ко невидлив стрелец со виленски тул.

 

Пламенот ме има во црвени прсти:

(ту нежно ме гали со огнени коси,

ту луто ме дроби во преграби цврсти).

О, сениште живо, кажи: кој си, што си?

 

Светлосниот ирам како плашт од чуда

ликот ти го крие во мене и в неа,

та не знам што значи таа игра луда -

исплашен да молчам, ил среќен да пеам!


НА ЗБОРОТ

 

Не претај во мене штом не ми се даваш,

едноставен, воден, безмилосно тап;

сал брануваш бури во тешкава глава,

ти беднику аглест што си токлку скап.

 

Каков горчлив отров блујат твоите гради,

отворена рана, урнатина, гној,

дурʼ во тебе игра ризикот што чади,

илʼ рака што ваја во мермерот твој.


АПРИЛ

 

Во нас се препечатува старото житие на јужните                                                                                                 платани

што низ зелената крв го истиснуваат своето                                                                                               повторување,

собрано во истото скапоцено стакло

од кое пиеше крунисаниот Дора.

Молците одамна го разјале невестинскиот вел

што сѐ уште разлистува на дудот.

Во нас се препечатува старото житие.

Доаѓаат црвени кочии и во нив исти жени;

ги љубевме кога почнуваше светот,

но не ги оплодивме млечните цутови.

Во седефот на непостојаноста

само облаците остануваат неразбрани,

а во нас се препечатува старото житие на јужниот                                                                                                     април.


ДАМКА

 

Пак нешто те мачи,

нервите ги кине;

ќе дојде, па мине,

и пак ќе се врати 

во доцните саати,

кога денот зрело

мракот свој го лачи.

Пак нешто тер мачи.

Тоа море врело,

светот што се движи

со своите грижи

во кошмарна врева,

правот што се крева,

потта што се лачи

од смекнато тело.

Ох, колку е врело!

Сокри се и плачи!


ШКОЛКА



                     На Санде Стојчевски

 

Сите ќе умреме со иста болка:

демони, безлики и барди знајни;

душата наша, затворена школка,

ќе препукне немо од своите тајни.


РАМНОТЕЖА

 

Во звукот стрела копјето на стравот.

Денот е злосторник што целта ја сели

од Ветена земја во царството на правот,

гровнати нишани и шума од пелин.

 

Пожарот молчи во ноќта ко ѕвере

што чека да одмине првиот јасник,

па в пизма узреан плодот да го бере,

сребрената мугра, смртниот гласник.


СЕОПФАТЕН МИГ

 

Поредени во круг околу сопствената претстава

стануваме нестрпливи да ја видиме најубавата точка

што ни ја претскажа денот спроти раѓањето.

Одминуваат танчарки, златни кочии,

вавилонски кули, арлекини, жезла, кинески ѕидови,

а ние нестрпливо ја чекаме најубавата точка.

Се разврзуваат гордиевите јазли,

жените стануваат гулабици,

се рушат Содома и Гомора,

питачите ги напуштаат мостовите,

а ние нестрпливо ја чекаме најубавата точка.

 

Ја чекаме најубават трочка:

мигот сеопфатен, почва без воздишка,

златно јаболко, невестинска солза;

ја чејаме најубавата точка,

за да ни бидат простени сите Тајни вечери.


ОСТРОВ

 

Островскиот камен тивок одглас дава.

Сред морето црно на бел кораб личи;

од дремка ја крева солената става

со назабен ʼрбет низ мракот да бичи.

 

Од искон во пранга - неврат што нѐ стега

за семирска карпа, зелена, ем пуста, -

само едно сонце може да ни бега,

да тажиме можеме сал со една уста.

 

Допирнат од сомнеж факелот се гаси,

измамен е бродот кон него што оди;

само љубов може од нож да нѐ спаси,

а од неа патот до Мигот што води.


СИКСТИНСКА КАПЕЛА

 

По мермерот лазат бели гласови,

и секој превез крие иста тајна.

Како змиски опаш пресечен во бегство,

прета песната на восочните одбројувања

во хипостилната штама.

 

Почетокот е трнувано сениште,

зелен мост што тече под сопствената река.

 

Крикнува божилакот над морското платно

и еден зрак е испратен

да ги скамени гласилките

што затреперуваат од тивка возбуда на зборот.


КЛУЧАЛКА

 

Зборуваа дека зад оние гори

до кои води некој заборавен пат,

мал самува дворец (од ружи што гори)

во каменен предел сосем непознат.

 

Залутан во крвта на ноќните мени,

неспокоен, смислив заговор кон себе:

да го најдам патот што толку ме плени

до тајниот повик на сказното небе.

 

Зол утрински ветер во пепелта лази;

пламнуваат билки а потоа гаснат;

мојот дрочен спокој по бодежи гази,

кон некаков страшен измамник се вјаса.

 

Во дното на светот запалиле свеќа,

и молитва тешка ја партали ноќта. 

Скитникот ја бара ветената среќа,

скриени во неа ѕверови се котат.

 

Каде води патот? Стаклото на мракот

Прснува пред мене во крвави капки.

Градина и лето! „Псст!“ - шепоти врагот. -

„Следи ги низ ноќта моиве светли стапки“.

 

Поигрува, слушам, но каде ли оди?

Глуво доба, штама, крик!

Таму кајшто идев Црниот ме води -

кон сказното небе и тајниот вик.

 

„Наведни се“, вели, „низ клуичалка ѕирни“.

- Во голема сала светлини се пластат;

на каменен одар убавици мирни

го чекаат судот на ѕверската каста.


ХАМЛЕТ

 

Низ замислен простор лета црна рака,

сенката на светот черепот го стега,

посакува секој што друг веќе сака…

                                   Каде да се бега?

 

Bel esprit издивнува под оловно море,

подлоста е силно орудие сега,

со првата мисла чекорот е сторен…

                                  Каде да се бега?


ИЗВАЛКАНА СЛИКА

 

Навечер се слева сета градска поган

на долгиот кеј, исплукан што лежи

таму кајшто вчера мечкари крај оган

забранети риби вадеа од мрежи.

 

Сѐ е дебел камен смрдеа што поти:

спутум, мочка, искршено шише;

во својата мрачна белина тој кроти

отров од кој светот забревтано дише.

 

Како модар балон небото се дуе,

нервите на ноќта ги напнува врело;

возбудена бега толпата и пцуе,

како жена-курва фатена на дело.


МИСЛА

 

Дал’ од живо сребро ќе направиш лотка,

ил’ ветена тајна што толку ми тежи?

Морето е темно, ти на дното лежиш,

ранета од луѓе, Дездемоно кротка.


НА МРТВИОТ СЕРДАР

 

Стани,

за инает,

извади го залутаниот куршум од своите гради,

избриши ја крвта што те осамува, врати се на вечната гозба,

тука, 

меѓу нас, заповедај им на раните да лаат како диви ѕверки,

за инает,

танчарки-одмазднички да те полазат.

Во мртвиот сердар никој не се колне


НА 7 МАЈ 2071 ГОДИНА

 

О, колку сме блиски во ноќнава штама

кајшто модро горат столетните сенки;

јас сум древна буква, а ти болно сама

некаде ме бараш под веѓите тенки.

 

Како да ти дојдам од овие гори?

Меѓу нас се распнал векот неизмерен.

Арии те носат над шумските зори,

а ти му се враќаш на гласот мој верен.

 

Низ пенлива магла јурат бели срни,

на пајаков конец облак жолт се лула,

во умот се рушат арабески црни,

и веков се крие во песочна кула.

 

Пролетната вејка носи стари цволки,

а третиот агол секогаш е гама.

О, како ги сфаќам сите твои болки,

и колку те љубам во ноќнава штама.


СТРАВ

 

Во маглена школка мислата се жари:

Денот не е причина доверба да имам.

Доаѓаш облечена во раскошен сари,

а под него носиш проклетство и вина.


БАЈАДЕРА

 

Го болувам сонот на прстеста хидра:

Унер да ѝ дојде со мастилни стапки;

во спинална течност черепните сидра

ѕенѕаат полудено ко флуидни капки.

 

Во зачаден космос улка бајадера,

(ко калдрма млечна до тенкиот засен

зад кој сѐ на бајка ми личеше вчера -

а минав низ него и сега сум згнасен)

 

црвената боска ми ја нуди штедро,

исушена плунка на брегот Качива.

Се разбудив мртов под железно бедро -

бајадера молчи, стихот се одѕива.

 

Есенски се мрести над збревтана река

во гроздови тешки, со бисерна тага,

небескиот камен по брегот што пека,

а брегот му нуди сал разврат и лага.

 

Па, дојди, убавице, раскошна и блудна,

од елекот зелен извади го крстот,

и (во моиве очи филигрански чудна)

скршена од љубов ќе заспиеш цврсто.


“UNE GÉNÉRATION PERDUE”

 

Пушташ да те зграпчат ноктите на гревот,

светлата на бродот што низ ноќта мине,

со евтини вина си го труеш мевот,

дур макоста твоја туѓинка ја кине.

 

Измрцлавен лежиш на врелата песок

со шуплива глава како школско ѕвоно;

Музиката молчи, а потем со тресок

скокнува во кремот што го плави сонот…

 

Минуваат сенки: наркомани бледи,

таинствени жени со кученца скапи,

таму некој скитник како Буда седи,

гледајќи во ноќта со очите тапи.


ГЛАС

 

Разбери ја смртта, забранета жено!

Тагувам по тебе и звукот што мине.

Од голема чаша ќе го пијам Денот,

дното да го најдам во твоето име.

 

Не бегај со зракот на југ што се раѓа,

тврдината древна лажен мост ти нуди;

во нашиве очи иста ѕвезда паѓа,

зборот што го мислиш од сонот ме буди.

 

Црвена химеро, те имам во часот.

На скината жила од смртното чело

една сина нота го римува спасот

на твојата душа во моето тело.


„666“


СВЕТЛИНА

 

                                                    „О драга надеж

                                                    тој ден и ние ќе знаеме

                                                    дека си живот и дека си ништо“

                                                                        Чезаре Павезе

 

Раката беше влакнеста и груба. Кога се двигна од студените северни шуми, мракот царуваше по калливите патишта, по мочуриштата забрадени во маглени шамии; по крстосниците се чадеа заборавените чергарски огнови, околу кои танцуваа последните случајни умирачи.

Раката лазеше низ калта, барајќи го отворот кон земните длабочини. Ја предизвикуваше тајната на светлините што таму ги засолниле своите раскошни рува. Далеку во мракот само едно флуидно сениште трчаше низ гробиштата во бегство пред смолите на стравот што го поплавуваа.

Раката застана во немо допирање. Тука некаде во јадрото на мракот се наоѓаше најтенкото место. Само едно ножно движење ја растргна опната и раката како лигав дожден црв се вовлече во таинствениот отвор. Нешто мораше да се случи во туберкулоѕните гради на светот. Воздухот се испоти како збревтан убиец во бегство. Земјата потреперуваше од крикови.

И тогаш, мачно, како ранет воин, од отворот полека се извлече раката. Меѓу нејзините здобени прсти непокорно капеѓе некаква парталосана светлина. А потоа и таа изгасна.


ЖЕГА

 

Обновувајќи ја сликата, удираш во тврди парчиња светлина од која се цеди излудувачката смеа на хаосот, премаленоста од врелиот здив на морето; агавите го ловат небото во своите бенедиктински мрежи. Потоа долго тркалање по скалите на виното и жедта. Солта заживува под јазикот, гризе во ткивото на исушените плункарни жлезди. Мали зелени лазачи пламнуваат придушени во каменот. Една случајна студена рака минува по 'рбетот на твојот страв.


ВРАЌАЊЕ

 

За да ги уловиш првите вечерни сенки, што како ослепени војски минуваат едни низ другите без да се допрат, засолни се во себе, или малку подлабоко, и чекај.

Штом одѕвонат белите саати, долга литија од забранети гласови во полноќни рува ќе запре во твојот двор. Излези пред нив и напои им ги коњите. Но, не погледнувај во бунарот.


ПЛАШТОТ

 

Хор

Под овој модар Плашт се тајните по кои копнееш, мал човеку: вечни денови со кои ќе ги наплатиш своите вечни ноќи; драги камења со кои ќе ги смениш своите изморени очи; топла земја со која ќе ги блажиш своите дланки; лековити треви за твоето парчосано срце. Таму е Сонцето за кое ти зборуваа, таму се бистрите води за твоето чело. Само еднои мало движење - и сѐ е твое! Тргни го Плаштот.

 

Господ

Не! Тргни ја раката! Ти, мал, грешен човеку! Остави го Плаштот на тајните! Тука сум за да те водам низ буреломите на твојата матна свест. Не веруваш вои сопствената мисла, ја презираш сенката на своето постоење, а готов си да го тргнеш Плаштот зад кој зјапа темнина. Таму се мрачни патиштата и патот твој е загубен. Штом стапнеш на таа земја, мој си, а јас сум господар на мракот.

 

Хор

Во високиот храм на твооите несоници полека успива песната на ангелите што ти ги дадоа во наследство. На високиот зелен свод танцуваат весели дечиња. Ти шепотиш, ти шепотиш, молчиш; во чудниот сјај на твојот поглед има многу тивок прекор. Таму се тајните за кои ти зборуваа. Тргни го Плаштот!

 

Господ

Мирувај, лудо! Под тој чуден превез расте пелин-шума, горки реки течат, зимите се долги како надевање, жените злоусти, песокта жива ќе те однесе до пеколните длабочини во кои дури ни јас не погледнувам. Црна е тајната! Не мами се!

 

Хор

Во густата ладовина на твоите мрачни веѓи гледам сомнеж. Тргни го Плаштот! Можеш да гхо загубиш само конежот, сѐ друго е вистина. Звучните стада ќе те полазат додека ме благословуваш во нежната сенка на чудесните билки што самиот си ги садел со векови. Затвори ги очите - тоа можеш, самите ти се затвораат од умор - да, тие бели мермерни скали воидат кон твоијот огромен бел дворец, со високи бели прозорци што дишат спокојно. А таму далеку, тоа што искри црно, тоа е твоето последно понижување ставено во оловен кафез.

Сега отвори ги очоите! Да, боли мракот, боли крвта, трудот! А тука пред тебе, под овој Плашт е тајната низ која те водев. Тргни го Плаштот!

 

Господ

Тргни го Плаштот за да се проколнеш! Зад Плаштот сум јас, а ти ме измисли, ти ја измисли мојата Црвена Земја, мојата мрачна круна ти ми ја искова. Каде сум кога те нема? Каде си кога ме немаш? Наведни ја главата пред мојот гнев и мочи! Ќе дојдам еден ден, и ако не те најдам, ќе побарам други Светови.


ВНАТРЕШЕН ПЕЈЗАЖ

 

Тоа беше само благ допир што успокојува, некоја посветла темнина што не е мрак и што е црно и непроѕирно надевање. Можеше да се види како заживува светот, како се тревожи, како дише. Ах, тие немирни дамки имаа смисла.

(Испокинатите конци на гневот пуштиле корења во топли мочуришта. Оттаму, до светлината што се повлекува како ранета ѕверка, низ воздухот прснуваат крвави балони од пајажина, што личат на евтини празнични сонца).


СТАОРЕЦ

 

Ако бидеш добар, мој придушен гневу, ќе те прошетам малку низ градот. Но сосема малку и само ноќе. Никој не смее да те види. Ах, гледам пак се лутиш! Па, сфати дека овде ти си туѓинец. Сѐ е така убаво на светов, а ти доаѓаш да го вознемируваш. Не воскреснувај ги, богаму, мртвите зла!

Сепак морам да те вратам во твојот кафез.


* * *

 

Ах, тие страшни будења во хаосот на нештата што се забораваат, потпрени едни врз другите како вински буриња што смрдат на злосторство и омраза, на одмазда и каење; некаде мора да постои добротвор што ги лекува тешките зборови и дела. Инаку, сите страдаат и лажат, и гризат, а древните градини на совеста цутат отровно, и секој бара свој остров. Но, Понору, тоа е само корупка од некоја огромна желка што ќе се нурне кон длабочините на животот, а потоа водата се смирува. Навидум. Долу согорува душата, и не се може веќе; секое бегство е враќање во својата клетка и најдобро е да се согорува без крикови; некаде, што е тука.


ЗБОГУВАЊЕ

 

Со денови лежев вои влажниот сутерен на светот. Ѕидовите се ронеа од гнасот насобран во нив, а јас лежев мирно како мудрец кој само пред малку ја затворил книгата на животот. Но таа беше сѐ уште отворена на едно ниско масиче, затрупано со лушпи од тврди ореви на годините.

Никој не доаѓаше. Веројатно сите беа умрени, или се подготвуваа да умрат. Само понекогаш спомените како златни рипки птретаа во мракот на гнилиот череп. И ништо, ништо освен нив немаше никакво значење.

Ако ги отворењв очите, ја гледав наведната над мене својата грозна, извалкана старица-душа, со тешкиот бастум на совеста, со горкиот здив на сите измами, со студениот ѕвекот на синџирите во кои ја омковаа некогашните залудни откажувања.

Беше среќна што ме остава. Сега ќе патува низ неистражени простоти, и веќе во никого нема да се всели.

„Остани, остани уште само малку“, ја молев.

„Не, морам да си одам. Тука, во тебе, е веќе неиздржливо“.

Тогаш почувствував како ме прегрнува за последен пат. Нејѕината беззаба уста прсна влажно на моето чело…


УТРО

 

Додека уште роси од утринската магла, одбегнувај ги шумските треви, да не го парчосаш кристалот на тишината. Ова козје патче ќе те однесе до првите заспани куќи; но пред да залаат кучињата и самиот ќе заспиеш на некој топол камен, за да те откраднат девојчињата во бели кошули, што те следат тивко, како тивки желби.