27 јули 2017

 

ГРОБНОСОСЕДСКИТЕ ОДНОСИ СПОРЕД БОЈКО БОРИСОВ

Бугарската цензорска рака на македонскиот медиумски грклан

 

Најнапред локумче, а потоа пелин и уста полна со земја.

Така бугарскиот премиер Бојко Борисов си ги замислува добрососедските односи помеѓу Република Бугарија и Република Македонија. И сосема го разбирам. Тој воопшто не е виновен што, како и низа генерации бугарски граѓани, и самиот е строго воспитан отровно да го мрази и да не го признава непокорниот македонски народ, да не ги признава преубавиот македонски јазик, македонската култура и самостојната македонска историја. Искрено го жалам што непотребно се мачи со тој голем психолошки проблем, но од психопатологијата се знае како се решаваат тие нешта: морате да се соочите со вистината и да ја прифатите, а во случајов господин Борисов треба да се соочи со вистината и еднаш засекогаш да ја прифати дека во најблиското соседство на Република Бугарија и на бугарскиот народ постои еден добар, пријателски, мирољубив и мил, засебен народ што се вика македонски народ, дека тој народ си го зборува својот мајчин македонски јазик, и дека силно се гордее со својата национална македонска култура и историја.

Штом господин Борисов тоа ќе го сфати и штом  ја прифати таа најобична цивилизациска вистина, тогаш како мелнички камен од срце ќе му паднат неподносливите маки со омразата и бесот што му ги истоштуваат џигерите, умот и телото, и наеднаш, како просветлен од Бога, ќе стане многу добар, весел и среќен човек и вистински државник. Но додека не се случи тоа,тој едноставно многу психолошки и емотивно ќе страда, а тоа воопшто не е добро за еден лидер на држава, зашто поради бесот што постојано тлее во него ќе почне да го губи компасот и да прави глупави гафови. А еве токму тоа му се случи со несреќните изјави во поглед на слободата на македонските медиуми и слободата на мислењето во Република Македонија. Баш штета! Не издржа дури ни толку да се потпише на штотуку склепаниот антимакедонскиот договор, а тој пукна и ја оплеска пред целокупната добрососедска јавност.

Длабоко нурнат во светот на своите закостенети големобугарски илузии и омрази, господин Борисов сосема го изгубил чувството на реалност, па веројатно си мисли дека Македонија веќе е окупирана од Бугарија, а оти тој е апсолутен цар Борис(ов), па најдрско се заканува дека ќе барал спроведување на строга цензура врз македонските медиуми кои не му се по волја. Ехееееј, господине Борисов, на која планета, во кој век и во која стварност живеете вие?

На македонскиот народ, господине бугарски премиер, и во денешна Република Македонија, и особено на нашето несреќно македонско национално малцинство во Република Бугарија, премногу добро му е позната таа и таква политика на Бугарија на препотентен освојувач и окупатор, кој знае да разговара само од високо, со заканувања, со цензури, со забрани, со тепања и со затвори. Македонскиот народ сето тоа зло неброено пати трагично го има доживеано и искусено врз својот грб, врз својот мев и врз својата грубо замолчувана уста во текот на долгата „заедничката бугарско-македонска историја“.

Вие мислите дека е доволно само со најголемиот македонски предавник Зоран Заев да потпишете некаква хартија (како и да си ја викате вие двајцата) и оти веднаш ќе престане секој отпор кон таквото гробнососедско лудило што ни го обмисливте.

Зоран Заев, господине Борисов, не е Македонија! А ако Зоран Заев и беше дел на една невина и наивна, излажана и превеслана Македонија, тоа островче на измамени македонски граѓани е сѐ помало и помало, и најпосле сосема ќе го снема. Од предавникот Заев, освен вкусот на пелинот во устата што и вие ни го нудите, ќе остане само еден славен документарен филм под наслов „Зоран Заев бара поткуп“, кој, верувам, и вие со уживање сте го гледале на интернет пред да почнете да склучувате големи меѓународни зделки со него.

Македонија, господине Борисов, е нешто сосема друго - тоа се сите оние што одовде, од европска Република Македонија ви порачуваат храбро и машки да се повикате на честа и на достоинството на обичниот бугарски човек и веднаш пред целиот свет да го признаете македонскиот народ, да го признаете древниот и самостоен македонски јазик со кој се раѓа, говори, учи и пишува, и на умирачка се простува од своите мили целиот македонски народ, да ги признаете оригиналната и незамисливо богата и убава македонска култура и македонските национални традиции, и секако да ја признаете нашата независна македонска национална историја.

Сторете го тоа и нема да имате на светов подобри пријатели од Македонците и од македонскиот народ! Гледате ли колку е лесно тоа?! А вие се мачите со глупи и подмолни договори. Дојдете во Скопје и пред носот на издуваниот шарен револуциоер Заев искинете ги тие бесмислени хартии на-две-на-три, зашто и така времетраењето им е сосема избројано.

Пријателски поздрав од македонскиот до бугарскиот народ.

Ве почитуваме, драги соседи. Не дозволувајте веќе ваквата ступидна освојувачка политика во 21 век да нѐ скарува и да нѐ дели. Кажете им го тоа на вашите политичари, а ние ќе излеземе на крај со нашите предавници. И ним времето им е избројано.

 

27 јули 2017, Република Online

Гробнососедските односи според Бојко Борисов

https://republika.mk/804702

 

28 јули 2017, Јади бурек Online

Гробнососедските односи според Бојко Борисов

http://www.jadiburek.com/sodrzina_detalno.aspx?id=3027