ГЕСТ, ГРИМАСА

 

Тука мораше да се биде начисто. Секоја претстава за јазот беше само лажно уточиште за сигурноста во која стануваше претесно, презадушливо. Некои посмели се обидуваа и со тривијалноста на провалијата, но на тоа крцкотливо поприште, зад завесата, под напрегнатоста на сплетените тешки јажиња и правливите разместени цилиндри на таванот, тоа доаѓаше само како краткотрајна утеха за нешто што допрва требаше да се именува и конечно да ја утврди заемната пригнеченост од искривеното време, низ кое никако не можеше да се мине. И во исконската празнина на галеријата, истргната од најбеспрекорниот полноќен спокој, во кој требаше да се зачекори без предумисла, од далеку, ту одовде ту одонде, како да шушнуваше некое расонето правреме. На самиот раб од сцената, над стутканата длабочина со расфрланиот инструментален арсенал, со понекоја откачена жица, забодена во белината на полуосенчените орнаменти на бинскиот фриз, артистот настојуваше да ја пронајде загатливата резонанца на тој омаен шум. Знаеше дека ако го одгатне, ако овладее со него, ако го преточи во себе во пресудниот момент на претставата, ќе влезе во она сонувано бело усвитување на идентификацијата, во бескрајно умножениот простор на светот во кој престанува сѐ друго, освен свеста за непречекорливата граница на големиот Дух.

Од нешто мораше да се тргне во тоа одредување и тоа беше единствената извесност. Иако тој напор стивнуваше како скротено море пред неочекуваните, дрски продори на дланките во ткивото на стутканите светлини, - така бесконечно далечни од чкрипавиот снег на тесните ноќни улички и пусти мостови, завиткани во благи испарувања низ кои како откинати перчиња топлина минеа некои тивки, несигурни гласови, - низ телото, како низ нагнил череп, кружеше некакво грапаво грутче што само за миг се задржуваше некаде неодредено, како да наоѓа краткотрајно гнезденце за својот мачен немир. Секоја внатрешна слика, меѓутоа, извираше од суровата самоконтрола, повторувана со денови и со години, од трајната напрегнатост над обидот да се одбегне секаков миг на самозадоволство и суета, да се биде поголем од себеси, да се досегне сонуваното кандилце во највисокиот и најтаинствен агол на светот. Но тоа беше напор без поткрепа. Во својата двојственост прилегаше на мртва детска играчка која наеднаш, неочекувано, проговара со најчист, свечен јазик на сонот, и на конечно утврдени скалила до препуштен на себеси бедем на некој дамна напуштен град. Тоа веќе наликуваше на книшко сеќавање, а артистот сакаше да го живее и да го проживува сегашниот испревртен, здробен миг на сопствениот преврат. Секое искачување до себеси во прифатената животна ролја подразбираше високи и тешки скелиња во студенилото на штотуку завршената катедрала што треба да се ослика. По некој леплив глас ќе проструеше низ мислениот простор на арабеските, задскриени со влажни, ленени пердиња од распарани вреќи, и едноставно исчезнуваше во сопствената бесмисла. Кому бил упатен и зошто - кога над сетивата, ете, се спушта густата, непробојна тишина на осаменоста? Само во неа можеше да никне нешто драгоцено и кревко - неразбрано. Да, остануваше да се легне на мермерниот под со жестоко студени игли и да се посматра белиот полукружен простор на кој полека ќе проговори жаркиот колорит на Книгата. Но оној маглен шум на траење, чиј праизвор не можеше да се одреди, иако јасно се втиснуваше во отпорното суштество, продолжуваше и по првите ритуални звуци на несигурните камбани што повикуваа на заедничко отсуствување од реалноста, на заедничко впишување во некој сонуван календар на вечноста во кој, сепак, најпосле, секој ќе си го најде сопственото кутро местенце.

И почнуваа тука и таму да никнуваат суштества како родоскрвни закани, да го раздвижуваат, да го поларизираат густиот, пластелински простор, во него да втиснуваат мачни ликови со јасно прецизирани и дрски барања. Овде-онде ќе прррв-неше некаква реплика или негодување, ќе крц-неше стара фотелја и некој, неизмерно суров, долго одвиткуваше огромна бомбона од целофански, шуш-кав, сериски лист. Тоа беше доволен знак за други шушкања и низ тешкото студенило на мракот светнуваа првите љубопитни зеници. Играта, меѓутоа, како толкупати, не можеше да започне. Моќна сила, разлеана како кашава земја, стежнуваше врз недоволниот предизвик за грдо преобликување и само тука и таму, како давеник, ги поддаваше своите налудничави чинови, необмислени и без изгледи да продрат во некого. Артистот ја познаваше таа сила, како што се познава сопственото лице; владееше со смислата на секоја негова брчка. Но, го знаеше и задувното одење угоре, до нејзините крупни јазли што требаше да се разврзат како неуспешно другарување со возбудливи жени што мораше да се потчинат, да се овладеат. Не можеше да го одрече мачното претчувство на внатрешен заговор, неочекуваното откопување на еден дамна запретан бодеж, што за миг ќе болсне во појасот и глатко ќе се лизне под темниот плашт. Го слутеше жестокиот Кај Марцие, како штотуку разбуден соговорник, во кој бавно се воздигаат крупните мисли, како моќни војски што ја знаат својата беспрекорна цел. Посегаше по секоја можност, ги превртуваше како елеузински овошки, барајќи го на нив тајниот магијски белег. Но тоа беше само нездраво, црвојадно руменило во кое се гледа опчинето како во прерано мудро дете што безгрижно го отфрла сигурниот стап и го одбира предизвикот на правта. Постоеше само една, бескомпромисна можност и таа беше надвор од секој сфатлив порив, од секое животно упатство; таа беше несоодветна како исколчен зглоб што мора да се движи ритмично, без миг на задршка и премисла. И не можеше да се биде сам во нејзината непредвидливост. Некоја сузбивана глад, како вознемирени гадинки меѓу чкрипави, мрзоволни белутраци, врвулеше низ спокојното надоаѓање на мигот што трабаше да пресуди за смислата на исконскиот чин, но и за последниот, згуснат вокал, со години баран низ запретаниот јазик на сонот, низ кој се минува бргу и на прсти како низ влажен ходник на мртовечница, додека од двете страни, зад вратите, нешто како шепот, во клучалките мрмка тивки закани. Во тоа тотално отсуство на нештата, низ кое само непоматениот шум на длабоко претчувство, како откинато пламенче, се обвиткуваше околу секоја попрецизна мисла, артистот, како низ ковчеже со детски случки, ја бараше првата сериозна, што така нагло го изменила неговиот однос кон светот во некој несфатлив момент на зреење, на прва потрага по напуштени и неодени врвици на кои не се среќава никој друг, освен по некој пустиник со крупни, неразбирливи цели. Всушност, тоа беше првото вистинско соочување со себеси. Со години загледан во својот умножен лик во гардеробните огледала, тој ги гледаше само отелотворените јунаци на пиесите, ги толкуваше нивните настраности, причините за нивната препознатливост, за нивната исклучителност. И не можеше да го најде клучот на загатката. Некаква тенка мрежичка како да се спушташе меѓу него и нив, поматувајќи ги и онака темните знаци на секое откривање и доближување. На сцената, во преполни сали, напрегнати до излудување, тој чувствуваше дека едноставно истечува од себеси, дека силно се впива во ликот што го толкува, и тоа како да беше некој ужасен страв на исчезнување, како да можеа да се преживеат тие минути само ако сулудо, грчовито се зграпчи за сопствената ролја, за нејзината непредвидливост. И од сето тоа имаше само еден бесконечно близок и исто толку далечен излез: крајот на претставата. Но тој никогаш не доаѓаше. Со чкрипави заби и испотени чела, зад кулисите итаа импресариа, статисти, јажари и режисери и сите тврдеа дека е тоа голем успех, дека конечно се дошло до целта, дека сега е заокружен еден свет, не, натаму не се може веќе; тоа е крајниот раб на сите човечки можности. Нагло осветлената сала се прелеваше од лажен накит и од бели вратови, ечеше од некој излудувачки бран на воодушевување, задоволство, смеа и неочекувано ослободување. Сите ставаа, неправедно, точка на еден потфат што не можеше да заврши туку така и по туѓа волја. Сѐ уште згрчен на подот, крцкотлив и раздвижен од благодарните чекори на другите артисти што не умееја да ја изневерат театарската етикеција, тој знаеше дека во оваа бесмисла неповратно е фрлено кревкото семе на вистинскиот успех, што само за немерлив миг задоцнување се претопува во таа надуена врева, што ќе запре нагло и исто толку невкусно како и што започнала, и зад себе ќе остави само неиздржлива празнина и тегобност.

Сега знаеше: сите угорнини беа недоодени. Со години недостасуваше само еден гест, гримаса можеби, што ќе ги вкочани погледите, што ќе ги замрзне срцата, што ќе го одземе здивот, и аплаузот нема да прсне пред време, таму каде што треба само да се вовлече многу воздух за долго и неизбежно нуркање во претстојното, неверојатно лудило.

И, како ровко камење, низ редовите небаре се стркала чуден ноќен свет што не знае за сон и за спокој. Со потечени очи и виснати усни, (не можеше да верува), тие се туткаа по ложите со задигнати крагни и раце во џебовите. Нивното доаѓање беше сосема извесно како некоја светлечка реклама да ги испразнила последните бистроа и улиците. И низ редовите се стркала чуден ноќен свет… Со задигнати крагни и раце во џебовите… Тие се туткаа.. И низ редовите се стркала чуден ноќен свет… Со задигнати крагни… А тоа, како во расипан кинематограф, се повторуваше бескрајно многу пати. Во дното на салата, малечка како светулка, една батериска ламба ги осветлуваше за миг вџашените лица што го очекуваа „Кориолан“. Да, сега веќе беше сосема сигурен и оној трепет на расонетото правреме што едвај сетно се прокраднуваше меѓу неочекуваните збиднувања што кркореа низ просторот, кој почна незадржливо да се изобличува и да излегува од себеси како некоја распарена ќелија. „Солидна шега“, помисли артистот. Зашто, оттука немаше можност да се отиде, да се избега. Претставата почна нагло, без предупредување, и некои артисти истрчуваа на сцената полунашминкани, недооблечени, збунети поради ненадејното отсуство на првиот суфлер. Густиот текст полека се излеваше во мракот. Но дејствието, како глава на нервно заболен, се тргаше ту ваму ту таму, се селеше од еден светлосен круг во друг, трибуните неочекувано почнаа да се откажуваат од верниот плебс кон кој се приклонија сенаторите. Претставата пелтечеше. Пред битката, наместо Кориолите, ги довлечкаа кулисите на Елсинор и Кај Марцие се обиде да го спаси впечатокот со една предвремена реплика. „Повеќе сакам да ги лекувам раните“, рече тој, „отколку да си спомнувам за тоа како ги добив“. И тоа пресуди. За миг стивна сѐ.

Артистот ја чувствуваше својата суштинска несоодветност со целава случка. Знаеше дека сето тоа е изнудено, како слегувањето на големиот Кај во масите. Секој миг на воздишка, на молчење и очекување, за него беше длабоко време на одгатнување. Низ салата, во која како маглиште стежнуваше некој накиселникав воздух, само за него и само до него допираше оној таен шум од кој жестоко се расте пред конечниот раскол, за кој е потребна единствено некаква темна сила, никната на самиот камен граничник на свеста. Нешто необично се прокрадна во него. Долго загледан некаде неодредено, тој веќе сосема извесно го слутеше надоаѓањето на големиот, со години очекуван миг на идентификацијата. Но, тоа не беше само обично поистоветување, туку едноставно препознавање. Жежнат од таа неочекувана помисла, артистот нагло се сврте околу себе. Тоа создаде сосема нова слика на сцената и од неа требаше да се најде каков таков излез. Статистите, како механички играчки, бргу ги тутнаа прстите под пазувите, криејќи ја бесмислената вознемиреност. Другите знаеја дека Кај Марцие спокојно ќе изговори некаква преодна реченица и ќе ја раздвижи претставата во очекуваната насока. Но сепак, неговиот плашт, што така воинствено и гродо ја пронесе крвта, неговата и на противниците, низ тоа разулавено боиште, овде-онде полегнато како наврната трева, не им влеваше доверба. Имаше во него нешто таинствено големо и недостапно, населено со некој моќен здив на сигурност и точност, што ја обесхрабруваше и најдрската нивна помисла и потфат. Ги гледаше артистот со години тие исти лица, што беспоговорно извираа под лошите маски, ги препознаваше нивните ситни, пазарџиски пориви. Во секоја нивна реплика, како низ напрснат таван, шуркаше некаква секојдневна кавгаџиска влага, по некој тежок акцент, веќе порано утврден на здодецните репетиции, однапред осудени на сигурен неуспех, нивните непотполни насмевки, секогаш со трошка на воздржаност и претпазливост, нивното несигурно, нервозно поткашлување. И, знаеше, тој негов неочекуван потег, неговото нагло свртување, за нив беше израз на бесрамност што треба да се казни со прекинување на претставата, со истрчување од сцената и распуштање на публиката. Низ полусветлите, сенчести мрежи на амбиентот, тој минуваше крај нив молкум, вѕрен во сите погледи, прописно скандализирани и горчливи од помислата дека е непоправлив апсурд тоа што токму нему му е доделена главната ролја, на тој пустиник, авантурист без трошка колективна свест, кој едноставно ја става на коцка судбината на нивните семејства. Вушност, Кај беше принуден да го задуши бунтот во Кориолите токму заради сигурноста на тие лошо напишани душички, и артистот, поприлично збунет, не можеше да ја сфати нивната неочекувана омраза. Најпосле, сите тие мошне добро се најдоа себеси во ликовите што ги толкуваа и тоа можеше да биде сериозна причина за задоволство. „Кого мразат“, се прашуваше, „мене или Кај Марцие?“ Но, очигледно, тоа сега беше сосема исто. Нешто битно се скрши меѓу нив и сите добро го чувствуваа тоа. И можеби за првпат, артистот се почувствува бескрајно сам и туѓ, меѓу непознати луѓе, вовлечени во филцани костуми што ги правеа и физички помали одошто беа, ошумоглавени од сиот тој вонреден полноќен настап и вриеж, наежени од неочекуваното разбудување и јасно острвени заради неговите исчекорувања од усвоените правила. Ги изговараше стиховоите бесперекорно чисто и гласно, како да ги потсетува на нивните домашни расправии со љубоморни жени и наметливи соседи, како да ги гледа поседнати крај тињави огнови на кои се готви некаква огромна зимница за сите времиња што не им се наменети ним и за кои немаат ни доволно храброст, ни достатно лудост. Нагласките упорно ги префрлуваше на крајот од секој збор и тие беа сигурни дека им поставува неизбежни прашања на кои мораат да одговараат прецизно, напамет, како бубачи, без трошка учество во смислата на зборовите што судбината така потсмешливо им ги наметнала токму ним. Осврнувајќи се нелагодно околу себе, тие бараа некој можен трибун, но Кај не им дозволуваше да се соземат, загатнувајќи ја еднаш конечно до искоренување нивната податливост на туѓи, режисерски месења и тормозења на кои беа така кротко навикнати, како домашни кученца на времето на својата кратка дневна прошетка низ дворот.

Стутулени зад светлосниот засен во темниот, збунет амфитеатар, гледачите знаеја дека е ова вистинска, единствена претстава, во која така судбински и нив ги вовлекува некоја непозната сила. На мигови, меѓу нив ќе проблеснеше по некој опиен поглед, како да се крева од понорни мочуришта за да го види блескотното ʼртење на неговата единствено можна форма. Се чинеше дека сиот тој кошмар непредвидливо се сели во нивните студеникави, полупразни домови и повторно се враќа тука по нови, несопирливи импулси. Границата сѐ уште не беше пречекорена и тоа беше добро, зашто претставата, како надојдено тесто, стежнуваше низ салата од чин во чин, напрегајќи го општиот пулс до вжарена напнатост, што нема да може уште долго да се поднесе и што ќе гргне како ровја во жестоко ракоплескање. Но веќе самата помисла на тоа како некоја непроѕирна, бледникава течност ја плакнеше јаркоста и уверливоста на играта и сите го задржуваа својот неподелен восхит. Се чинеше дека тоа, сепак, е само омаеност од наврапитото расчленување на нештата за кои во либретото немаше податоци. Толкувањата беа поматени и така бесмислено се прелеваа од плебсот кон непредвидливиот Кај, и од него кон другите артисти. Всушност, беше невозможно да се пронајде каква и да е константа во сите тие односи, и остануваше, едноставно, да се чека. Нешто мораше да се случи. Напрегнатоста беше доведена до жестока опасност и тук-таму, неизбежно, светнуваа и првите забранети цигари. Потоа одненадеж се умножија, а тоа го раслои просторот, зашто сега веќе добро можеа да се видат розикавите лица на гледачите со стегнати усни и завиткани во перчиња чад.

Нагла промена донесе еден нов потерг на артистот.

Веќе сосема издвоен од превртливиот плебс, Кај Марцие, повреден и горд, спуштајќи се низ погледите како низ некоја светликава ноќна трева, се доближи до работ од бината и пресудно загледан во румените точкички во гледалиштето, тивко рече: „Треба да се заборави оваа претстава“. За миг, од сцената кон гледалиштето и назад, се пронесе некаков чуден шум што се граничеше со луда опасност од насилство и аплауз. Некој моќник говореше од него, сигурен во своите крупни постапки, без трошка залудна гордост и немотивиран инает. Она што до тој час се случуваше на сцената беше, конечно, неодминливо расчистување на животните сметки со себеси и со другите. Тука немаше други решенија, зашто претставата ќе останеше без Кај Марцие и немаше да може да се случи. Веруваше дека барем некој во публиката ќе го сфати тоа. Но, таму се готвеше нешто страшно спротивно на сиот негов напор. Сѐ погласните шушкања во задните редови најавуваа бесмислени овации и пред него за миг пролетаа сите оние години на јавен успех и личен неуспех, низ кои, како низ тесен, бескраен ходник се маткаа идолопоклонските лица на љубителите што, горди макар и на неговото присуство, го пречекуваа на задните врати, за да го придружуваат барем десетина чекори. Тогаш тој беше неизбежно нивен и така гнасно му годеше таа загубена толпа. Тоа не смееше да се повтори. Потребен е само еден гест, само гримаса, за да се запре сето тоа јалово натпреварување со себеси. Тој во себе ги носеше бескрајно долго како непозната болест што го лекува животот и сега требаше да ги потегне како свое последно оружје.

Кај наеднаш стрча по страничните скали во сепнатиот партер и, неочекувано за сите, спокојно ја продолжи претставата. Критичниот момент на заемната доверба еднаш засекогаш беше превозмогнат. Но, меѓу другите вкочанети артисти на сцената и публиката тој сега беше бескрајно сам, несфатен идол на кој треба да му се сврти грбот, зашто, ете, еднаш, конечно, недвосмислено покажа дека целиот свој живот се толкувал само себеси, а не нив, како што веруваа или, пак, сакаа да веруваат. Па сепак, единствениот јасен светлосен круг го следеше токму него, и само него, како лудо добра шега, а тие, и едните и другите, во разбуричканиот мрак едвај ги распознаваа сопствените амебоидни силуети. Претставата можеше да заврши само така, тивко и со тешка, несопирлива омраза пред која мораше да се устои барем еден достоен миг, доволен за последна премисла и потег.


Расказот за првпат е објавен во збирката „Агол“, Македонска книга, Скопје, 1980, стр. 90-99.