АЛДО КЛИМАН до ЈАНЕ ЧЕНТО

Пула, ноќта од 29 на 30 декември 2020

 

Драг Јане,

драг мој пријателе и брате,

те молам, прими ги од мене, во овие предоцни ноќни часови, овие спонтани болни размисли и чувства на еден обичен македонски човек, кој во душата страшно се бори со најцрниот и неизлечлив срам и со ужасно чувство на колективна вина, и својата сопствена, и онаа преземена од сите, од секој наш македонски човек, од цела наша Македонија, каде и да нѐ има, затоа што испаднавме толку никакви и толку слаби, и не сторивме, и натаму не правиме ништо навистина битно, и ништо навистина енергично и радикално важно за да му ставиме крај на ова безмерно дивјачко лудило, на ова бесрамно уличарско, велепредавничко, необалистичко и гангстерско арачење на нашата преубава татковина, и на сето она што таа навистина претставува.

Невидена, незамислива беда, искомплексираност и понизност – тоа се главните црти на безбојната и безлична македонска, плитка, петпаречка, партиска дневна, кабинетска, божем собраниска, парламентарна политика, на едните, другите или третите, политика без достоинство и авторитет, „решителна“ опозициона политика на „едвај тивко, тихо поткренат глас“, политика без државничка сила и уверливост, политика со меѓународно постојано наведната глава на глупаво селанче во голем град, политика импровизаторска и безидејна, со апсолутно дискутабилни и теоретски недокажливи, небаре различни идеолошки предзнаци а секогаш само со една единствена „идеолошка“ цел: да се дограби до власта - таа и таква политика што не знае да каже и да покаже: „Не! Доста е веќе!“ а притоа некој тоа да мора и да го земе во предвид, таква политика што не е, ниту пак може да биде видлива, таму долу, во сивата балканска полутемнина, во последниот цивилизациски ред, - таа политика упорно срамно, всушност бесрамно, ѝ се подлизува, ѝ се додворува и ѝ се лигави на оваа фриволна, сосема разголена, подмолна, незаинтересирана и неспособна, лицемерна и грабежлива Европа, на оваа Европа-сурогат, на оваа бездушна и нехумана Европа со тркалезни закони и прописи за Хуманоста, Правдата и Слободата, напишани само затоа да бидат вешто изиграни, и токму кон оние на кои Хуманоста, Правдата и Слободата им се најпотребни.

Како тогаш, драг Јане, да заспијам мирно додека тие и такви млитави и млаки, или пак ситно продадени шаренковци и слабаци пред светот, пред овој суров и немилосрден, но освестен свет, што бара и очекува само цврста и непоколеблива компетитивност, го претставуваат мојот излажан и измамен народ? Како да пронајдам во себе мир и трошка спокојство кога знам дека сѐ треба и мора да биде сосема поинаку?

И не можам без грижа на совеста, и без длабока внатрешна стемнетост и замисленост, секој ден одново да се погледнувам в лице, а да не се запрашам зарем јас, зарем сите ние Македонци не можевме да постапиме разумно, да сториме нешто повеќе за да се разувериме едните со другите дека сме си судбински неразделно наши, дека сме си сами и единствени на светов, и во космосот, дека неизмерно си требаме едни на други, цврсто сплотени како народ, и како нација, како убаво, препознатливо човечко и духовно јато во непрегледното цивилизациско небо?

Секоја, и најспонтана и најневина радост и ведра насмевка, драг Јане, веднаш ми исчезнуваат од лицето кога само за миг, однатре ќе ме облее пот и силно ќе ме преплави несопирлива и неизлечлива тага, а низ мислите ќе ми прелета стравотната бројгеловска слика на надреалениот северџански вампирски бал што врлува над Македонија, dance macabre на безобѕирни идиоти, самозаљубени аналфабети и дилетанти, конвертити ЈНА/ОНА-офицери, распашани груби примитивци, теророристи почесни доктори, ординарни „етнички“ глупаци, гребатори и синекуранти, и „граѓански“ заевски мајмуни и неранимајковци, алчни владини советници, аморални фалсификатори на историјата и на историските вистини, ќутуци и суртуци, фашистоидни агресивци, дилери, криминалци, насилници, поткупени и до коска расипани, мизантропски грди баби-судијки, и мизерни и одвратни партиски кадии-лигуши, уценувачи и уценети, рекетари, и секаков друг травеститски криминален и неолиберален џган, со еден збор, оној најдолен и највалкан, гнасен општествен шлајм, што во секое цивилизирано општество би бил уредно и трајно сместен по затворите и во лудниците.

Навистина би дал сѐ да знам што мисли мнозинството од мојот македонски народ, но притоа не тоа што пишува во проѕирните, здодевни, филувани партиски соопштенија за медиумите, од едната или од другата страна. Зашто овој предолг и престравотен молк на македонскиот народ, овој смртоносен национален и етички колапс и повлекување во себеси пред невиденото баханалиско расипништво на лудаци, и дрско разбојништво однатре и однадвор, не само што злокобно предупредува, туку веќе доби и најзастрашувачки фантазмагорични димензии. Ова што се случува во и со Македонија го нема никаде на светот. Барем не од времето на Хитлеровиот Трет Рајх кога Лудилото беше прогласено за Мудрост и пуштено да беснее до мила волја, кога Лудилото ги пишуваше и ги донесуваше нечовечните и лудачките закони, и кога вака, како денес во Македонија, на ординарните лудаци им беше допустливо и возможно сето она што е најсурово насочено и насрчено против цивилизациските вредности, против бескомпромисната логиката и здравиот разум, и особено против Правдината, Слободата и Човечноста.

И тогаш, драг мој Јане, во тие пресвртнички моменти за Ервропа и за светот, кога Хитлер „пишуваше нова историја на Германија“, како што денес Заев „пишува нова историја на Македонија“, само многу ретки, единствени, прекрасни луѓе, морални грамади, најхрабри меѓу храбрите и најдостоинствени меѓу достоинствените, со својот жесток бунт и отпор, со својата целосна и несебична, освестена саможртва, високо, бескомпромисно и апсолутно препознатливо се издигаа над непрегледната шума еуфорично и театрално испружени раце за лудачки поздрав на Фирер. И тогаш Европа и светот шуруваа со него како што шуруваат денес со своите квислиншки заевски и големоалбански слуги во Македонија... А потоа народите на Европа и на светот ја платија највисоката можна трагична цена.

Нашата реалност, меѓутоа, е „само“ Македонија. Нејзините димензии се мали во однос на Германија, но лудаците кои овде насилнички се инсталирани на власт се подеднакво големи, подеднакво башибозучки распашани и неверојатно опасни. Навистина, македонскиот антифашистички народ никогаш нема да ја крева десната рака за sieg heil на Црпнатиот со изгубен компас, кој себеси си се смета за социјалдемократ (sic!), иако воопшто нема поим што значи тоа, но сепак, мора тоа да се каже, народот „монолитно“ молчи пред безобѕирниот и простачки заевски државен и големоалбански лудачки терор што над него се врши. Зошто молчи? Од страв ли? Или од изгубена верба во сѐ што му се кажува од разни страни? Јас би рекол: и од едното и од другото, но секако од ова другото многу повеќе, зашто до гуша и преку глава се има наголтано купишта лаги, измами и заведувања. Големата германска мислителка Хана Аренд на едно место вели: „Тоа постојано лажење и нема за цел народот да поверува во лагите, туку целта е да не верува во ништо. На таков народ не му е одземен капацитетот за акција, туку капацитетот да мисли и да просудува. Со таков народ можете да правите што сакате“.

Но како и секогаш во сите времиња и кај сите народи, кога на националниот колектив му е одземено или нарушено чувството за ориентација во просторот и во времето, и кога се сомнева во сѐ, или верува во сѐ и сешто, судбината, која знае повеќе од нас, одбира еден човек со екстремно дисонантен став од ставот на масата, дури навидум сосема еретички, и чие мислење, уверување и готовност за борба за благородни идеи до последниот здив го претставуваат оној таинствен но моќен библиски глас на осамениот во пустината. Кога велам дисонантен, мислам на храброста, за која само малкумина најодбрани имаат сила и решителност, храброст која нѐ зачудува, која нѐ восхитува, но која за мнозинството обични луѓе е сосема несфатлива, како впрочем да има тука воопшто што да се сфати. Зашто, храброста е внатрешен индивидуален повик, посилен од рационалните конвенции и разбирањето на голиот опстанок во општеството, какво и да е тоа, па и најцрно.

Те молам, не мисли дека јас наивно и суеверно верувам во некакви мистични профетски појави и ликови. Не, но искуството нѐ учи дека таквите посебни луѓе, со онаа силна внатрешна ѕвезда, едноставно тивко и ненаметливо постојат меѓу нас, сѐ додека некои посебни историски настани и општествени околности нагло не ги исфрлат во преден план и ни ги направат видливи. Токму таква појава си ти. Во најдраматичните и најтешки лични моменти, со својот јасно искажан непоколеблив став дека правдината твоја и на твојот народ е апсолутно на твојата страна, и оти по никоја цена нема да побараш милост од оние што извршија невиден национален и човечки злостор, ти нагло, и во вистинскиот момент, пред македонскиот народ, и за него, воспостави најстрога мерка и највисок критериум за човечко, лично и национално достоинство, критериум за беспрекорна морална и животна храброст, и чист, непоматен патриотизам. Тоа неизмерно ги понижи тие лигави никаквеци, и тоа нема да ти го простат до крајот на своите бедни животеци.  

Те молам, прости ми што си дозволив вака отворено да ја потцртам твојата човечка и патриотска посебност, но тоа е само затоа што знам дека си умен и разумен човек и оти никогаш и никому нема да му дозволиш кај тебе да поттикнува никакви месијански илузии. Во животот и во општата метафизика на нашето постоење на секој поединец, се разбира, му припаѓа по некоја помала или поголема лична „мисија“. Но колку и да е вистински голема, сложена и претставува неотповиклив предизвик, улогата што ни припадна понизно треба да ја разбереме и да ја доживуваме само како природен и сосема вообичаен дел од нашиот секојдневен живот. Во спротивното тоа се претвора во најобична лакрдија, во фарса, во карикатурална месијанска квазикосмополитска, божемна „граѓанска“ фикс-идеја и ступидна поза со каква пред нас и пред целиот иронично насмевнат свет сосема гол парадира најголемиот балкански примитивец, „создавач на нова историја на Македонија“, чие име овде ќе го изоставам.

Знам дека таму, во таа долга осмаеност и стеснетост, ти требаат некои многу поедноставни, многу попрочистени мисли и поведри пријателски, помалку збунувачки зборови, и можеби не успеав да ти го кажам на најдобар начин сето она што го мислев, но пораката на ова долго, прости, предолго писмо, е дека за нас кои сме од другата страна на преградниот ѕид на истиот мрачен затвор што се вика Македонија, ти си еден од ретките значајни симболи на слободата, и оти токму твоето нагласено отсуство е твое најголемо нагласено присуство меѓу нас. Ти зборувам за совеста, за нашата совест што деноноќно се измачува со неправдата што тебе и на сите твои храбри соборци уставобранители ви е нанесена од овој најдолен џган, опијанет од неконтролирано лудило и бес, за совеста која трепери, се гризе, страда и врие, но досега не пронашла прав начин суштински и ефектно да се раздвижи и да експлодира со сета сила. Но совеста за која што ти зборувам нема никаква врска со политиката, која во овој препрагматичен свет е само најобична професија, совршено прецизно дефинирана во оние мисли на Хана Аренд, цитирани погоре. Политиката, барем оваа што ја имаме на дело, не е и не може да биде објективен параметар за твојот негибнат слободарски дух со кој ја залужи нашата најголема почит. Сегашните политички парадигми, ниту кај нас, ниту во светот, не носат ни трошка слободарски идеи, и затоа идејата за Слободата зависи само од нас самите, од тоа колку ќе успееме да издржиме внимателно да ја негуваме во себе, и од нас несебично да ја еманираме кон другите, независно од било која, било чија и било каква политика.

Еве, драг Јане, наскоро ќе се раздени. Во голема дилема сум дали ова тешко писмо воопшто да ти го испратам. Со него ноќеска се измачував јас, но дали сега да те измачувам и тебе, драг пријателе...? Но, сепак, барем ќе видиш дека во своите нерамнодушни, постојано растревожени пријателски мисли сум постојано со тебе; а не сум единствениот...