15 февруари 2017

 

ГОСПОДИН ПИЦУЛА, ЗОШТО ДУВАТЕ

ВО ГРЧКИТЕ И ВО БУГАРСКИТЕ ЕДРА?

 

Отворено писмо од Алдо Климан, македонски и хрватски писател и претседател на Македонскиот културен форум од Пула, до Тонино Пицула, хрватски пратеник во Европскиот парламент од редовите на СДП и поранешен министер за надворешни работи на Република Хрватска.

 

На предлог-резолуцијата на Европскиот парламент за Република Македонија, која во јануари ја подготви и пред комитетот за надворешни работи ја претстави известувачот Иво Вајгл, се истури канонада од грчко-бугарските европарламентарци со околу две третини од 318-те амандмани во кои се содржани барања за целосно бришење на термините „Република Македонија“, „Македонија“ и на придавката „македонски“, кои во предложената резолуција многупати се споменувани, како и името Република Македонија да се замени со терминот „земјата“, а другите референци со термините „нејзините“ или „таа“ и слично, па сѐ до барањата за осуда на политичката криза во Македонија и за одземање на препораката за почетокот на преговорите за влез на Република Македонија во ЕУ, како и барањето за признавање на наводните 100.000 Бугари во Македонија.

Тоа е веќе стопати видениот и крајно здодевен филм во грчко-бугарската продукција на пратеникот Јоргос Епитидејос од грчката неофашистичка партија Златна зора, кој бара во резолуцијата да се внесе и амандманот „промена на името“.

Она што навистина е ново, што фрапира, што никако не ми влегува во глава, е активното вклучување на хрватскиот социјалдемократски европарламентарец Тонино Пицула во таа мрачна, профашистичка, за македонски народ и за Република Македонија, крајно понижувачка грчко-бугарска пропаганда. Зошто едноставно не се држеше до древната мудрост „кога немаш ништо умно за кажување, молчи си“. Но токму господинот Тонино Пицула со амандманот 14 бара од извештајот на Вајгл да се бришат термините „Република Македонија“ и „Македонија“.

Се прашувам, господин Пицула, зошто ви требаше тоа? Што ви згрешиле Македонците и Република Македонија? Што лошо им направиле Македонците и Република Македонија на Хрватите и на Република Хрватска, на кои секогаш гледаа како на пример на националната свест и на борбата за сопствениот идентитет и суверенитет? Што ви згрешиле околу петте илјади Македонци што како лојални граѓани живеат во Република Хрватска, во својата втора татковина за која рамо до рамо со Хрватите се бореа во Татковинската војна? Многумина од нив, веројатно, и ви ги дале своите гласови кога бевте избиран во Европскиот парламент.

Ох, каква илузија! Верувам дека таа никогаш нема да се повтори!

Зошто, господин Пицула, сосема го изгубивте компасот и наеднаш решивте да дувате во тие на сите добро познати грчки и бугарски едра? Можеби затоа што тоа сега стана „моден тренд“ во Европа, која нема попаметна работа од тоа на секој начин и со сите надреални меѓународни притисоци и политичко насилство да се обидува да им зададе последен, смртен удар на Република Македонија и на македонскиот народ?

Но господин Пицула, тоа, ќе видите, сепак е само моден тренд на кој вие лекомислено му се препуштивте и на што некој мошне вешто ве наговорил толку површно за човек со ваше дипломатско искуство! Упаднавте во ножиците на грчките и бугарските, но и на некои европски лоби-групи што моментално ѝ се нафрлија на Република Македонија, зашто само тоа може да биде причина за вашиот вратоломен цивилизациски пресврт од кој Република Хрватска нема ама баш никаква полза. Напротив, само му нанесовте голема штета на нејзиниот меѓународен углед. Модерно, а не вака помодно, ќе беше ако се заземавте за Република Македонија и за македонскиот народ, кој во поблиската и во подалечната историја не претрпел ништо помалку страдања од хрватскиот народ, така што за тоа би требало да имате разбирање.

Но вие, господин Пицула, очигледно сте во некаков поинаков филм, а ова, без сомневање, ви е најлошата улога. За жал, Македонците ќе ве запаметат токму по неа, зашто навистина е тешко кога претставник на пријателскиот, хрватски народ, среде Европскиот парламент ќе ти забоде нож во срце.

 

17 февруари 2017, Nova Makedonija.мк Online

Господин Пицула, зошто дувате во грчките и во бугарските едра?

http://b2.mk/news/gospodinpiculazoshtoduvatevogrchkiteivobugarskiteedra?newsid=ahWz