СОЛАРНИКОТ НА ПЛАТНАР

 

Не знам дали судбината е тркалезна или само нејзината импресивна еклиптика минува по истата тркалезна патека, но по игра на нејзината волја настаните што ни се чинат бескрајно далечни и сосема недофатни наеднаш ни ги доближува со стравотна брзина и впечатливост, и тоа на истото место и со истите актери.

Така беше и со смртта на Платнар за која дознав во една од паузите на симпозиумот „Градот и есејот“, што во Пула го организира нашиот заеднички пријател и колега Борис Билетиќ, кога се најдов во друштвото на Јелена Лужина и Божица Јелушиќ, со која сосема спонтано ги допревме генерациските спомени на една средба од крајот на седумдесеттите кога, со Санде Стојчевски и Благоја Ристески, од Скопје отпатувавме во Загреб за да се запознаеме и да воспоставиме соработка со неколкумина млади хрватски писатели.

Тоа беше едно навистина необично, би рекол, маркезовско патување што заврши дури во Цеље, со воз во кој единствени патници бевме ние тројцата и кондуктерот, кој само одвреме-навреме излегуваше од зад кулисите на празните купеа и пак се губеше некаде надолу низ провеаните вагони. Сите врати во раздвижените армоники помеѓу нив и сите прозорци на бесмислено долгата композиција беа ширум отворени и низ нив на двете страни, како некакви надреални крилја, мавтаа темнозелените пердиња, небаре се обидуваат да го поткренат во височина забревтаниот експрес од песната на Стивн Спендер.

Беше април, оној опоен елиотовски април, оној април од младешките песни на Платнар, а пролетта - дарежлива за оние што имаат и скржава за оние што немаат и губат - ни даваше на секој од нас токму онолку колку што ни припаѓаше. Заминувањето од пустиот перон на кој, освен една студена рака што врз фонот на урнатините на скопската железничка станица едвај се поткрена да ми мавне, немаше ама баш никој друг барем малку да ја раздвижи замрзнатата метафизичка слика, небаре излезена од палетата на Де Кирико - за мене тоа заминување значеше само крај на една болна животна приказна... Толку добивав и само толку можев да земам.

Но за Санде и за Благоја тоа беше време на вистински интелектуален полет и подем. Под нивно раководство „Стремеж“ тогаш добиваше нова сила и замав, а серијата интересни херменевтички текстови од нивните пера и од перата на помладите автори собрани околу списанието, впечатливо и еднаш засекогаш ја подвлекоа сета изворност и, би рекол, постмодерна особеност и нагласена интелектуалност на нашиот генерациски бран.

Неподготвен, а и без намера во овој час да зборувам ништо повеќе за творештвото на Блаже од она што на времето го напишав за неговата поезија што како да се точеше од постојаната и нездржлива тензија меѓу редовите на неговите секогаш оригинални, прегнантни филозофски идеи со кои, мене и Санде, едноставно нѐ затрупуваше во долгите, скопски и прилепски, импровизирани разговори за поезијата, за творештвото и за животот - сакам само да речам дека многупати, па и на тоа неколкудневно патување кон Загреб и Цеље, бев сведок на неговите неверојатни и неповторливи интелектуални перформанси, кои токму поради својата (главно) целосна невтемеленост, или барем површност во знаењето, беа така спонтани и убави градби, чиста и непотребна лирика.

Прочитавме досега, и уште ќе читаме - а особено околу неговата смрт имаше доста трогателни, и критички и издавачки реагирања - убави зборови и обиди за сериозни толкувања, но јас сум уверен дека со времето ќе се покаже оти Платнар, како и во своите младешки авторски години, всушност воопшто не се стремел кон тоа да создаде некаков особено продлабочен творечки систем и дека неговите литературни остварувања се пред сѐ плод на една ретка и неспитомлива интелектуална ерупција, секогаш максимално и до крај насочена кон екстровертното, кон сценичното. Тој едноставно беше една разбушавена природа. Во литературата се појави кон средината на шеесеттите, во своите кревки рембоовски години, интересно, токму во времето на влегувањето во литературата и на еден друг тогашен enfant terrible, Атанас Вангелов. Еден, пак, од најраните обиди во македонската литература да се креира некаков сосема нов творечки, и тоа нагласено интелектуалистички концепт, беше појавата на тнр. ѕидизам, дали потенцијален тренд или само занес (?), во секој случај со незначителни литературни и културолошки резултати и ефекти, но сепак тоа беше јасно дефиниран обид во кој, колку што ми е познато, учествуваа и Вангелов и шеснаест-седумнаесетгодишниот Ристески, придружени од уште неколкумина тогаш млади автори.

Малите и клаустрофобични литератури каква што е, за жал, и македонската, осудена на секојдневни меѓусебни средби на писателите, неретко со испреплеткани професионални и лични судбини, со голема самоиронија и самопотценување гледаат на настаните, на појавите и на идеите што се јавуваат одвреме-навреме. Тоа е затоа што е сѐ тука, при рака, и се чини дека така ќе биде вечно. Но, гледано од дистанца од неколку децении, и особено однадвор од таа дебела и непропуштлива корупка на матичната литература, нештата изгледаат малку поинаку. Во седумдесеттите, во тие години што за македонската литература би можеле среќно да се синтетизираат во синтагмата средба на генерациите, според името на една тогашна литературна манифестација, што во организација на Филозофскиот факултет од Скопје се одвиваше неколку години на ред, во седумдесеттите, значи, кога сите, и старите и најмладите, некако сѐ уште бевме тука, собрани и прибрани, сите сѐ уште живи и здрави, главно вработени во Радио и телевизија Скопје или во „Нова Македонија“ и во „Вечер“, и се гледавме секој ден, и помалку или повеќе заедно учествувавме на многубројните литературни манифестации низ Македонија и низ тогашната држава - во тие години, ете, и можевме да си дозволиме да бидеме растрошни и да бидеме иронични и самоиронични, преостри и престроги кон нашата литература и кон нашата литературна реалност, па и кон невините обиди каков што беше ѕидизмот. Го велам ова затоа што кон Платнар, во годините што следуваа, таа иронија од страна на оние писатели, па и некои поблиски пријатели, што успеваа да се етаблираат и егзистенцијално и граѓански да се средат, уште долго нема да стивне. До крај хедонистички интониран, тој жедно грабеше од животот на секој начин, а тоа, во егзистенцијална и во човечка смисла, значеше и нагорнини и падови, и грешки, а во творечка смисла квалитативна несразмерност на остварувањата. Физичката презаситеност на малиот интелектуален простор на кој во последниве четириесетина години во постојано и незапирливо крешендо се одвиваше и се одвива драмата на македонската литература, но и на македонската култура воопшто, беше и сѐ уште е толку голема што прегледноста на вистинските дострели и вредности е многу подостапна по хоризонталата, одошто по вертикалата. Во таков распоред на нештата сликата за значењето на Платнар и натаму ќе остане неизострена и заматена, особено затоа што неговото вистинско и длабинско значење за разигрување и разбранување на литературната, и воопшто на интелектуалната атмосфера меѓу младите македонски писатели од почетокот на седумдесеттите, има пред сѐ сократовски карактер - имено, за тоа нема и не може да има пишани траги, освен во живите спомени на оние што имаа можност во средбите и разговорите со него да ја запознаат сета негова пребогата ингениозност и способност бргу и оригинално да мисли, да домисли и да одговори. Во суштина, тој беше и на свој начин остана голем импровизатор, а понекогаш и неспособен да ги прикрие слабите точки на своите импровизации, но секако беше импровизатор од формат - мајстор на интелектуалната (речиси пијанистички сугестивна) импровизација.

Крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите му донесе на Платнар нови, оригинални задачи, и интелектуалните ремени како малку да се затегнаа околу него. Тоа е време на неговата најблиска соработка со Санде Стојчевски околу списанието „Стремеж“. Сосема поинаку интониран, ерудит од формат, Стојчевски наметна своевиден интелектуален натпревар во списанието и околу него, и Платнар не само што го прифати тој предизвик, туку заедно со него ја поведе битката за нови критички и теоретски модели во македонската литература. Околу нив, како јадро на едно ново критичко-теоретско, па оттука и примарно литерарно светочувствување, се создаде богата и плодна книжевна атмосфера од чиишто дострели македонската литература сега допрва ги собира вистинските плодови. За жал, во децениите што следуваа многу нешта од крајно нелитерарна природа драматично ќе се вмешаат и ќе повлијаат врз севкупните односи во македонската литература, па и врз односите на овие двајца исклучителни македонски интелектуалци и творци, но тие години на нивната творечка взаемност и поврзаност во создавањето таква центрипетална сила што, поддржани и од врсниците и од помладите писатели кои штотуку стасуваа, тие всушност со сето она што толку живо се случуваше во „Стремеж“ сосема им ја преземаа иницијативата на претходните две, тнр. втората и третата генерација, и наметнаа нови книжевни проседеа - тие години, велам, засекогаш ќе останат забележани како важен и незаобиколен период во современата македонска литература.

Се разбира, восхитувањето на Платнар од херменевтиката беше и дел од општото восхитување од херменевтиката во тоа време помеѓу најистакнатите актери на генерацискиот бран на кој му припаѓавме, но факт е дека токму Санде Стојчевски и Благоја Ристески упорно ја подотвораа, и конечно на херменевтиката сосема ѝ ја отворија вратата на македонската литература. Еднаш засекогаш беа надминати старите, едноставни, на некој начин драги и секогаш некако набиени со евокативни студентски расположби, универзитетски критички концепти, од кои, меѓутоа, не успеа до крај сосема да се ослободи дури ни разиграната, надојдена, но главно импресионистичка критика на водечките писатели од третата генерација.

Понесен од таа хетрменевтичка треска, и Платнар делуваше како писател со засукани ракави. Стана и поетски поплоден. Во поезијата бараше и наоѓаше потврди за своите интелектуалистички ескапади во неколкуте вдахновени херменевтички текстови, и обратно. 

И ете, токму таков, чинам, во неговиот зенит, го помнам Платнар од времето кога во почетокот на осумдесеттите нагло заминав од Македонија. Подоцна, заедно со Санде, неколкупати дојдоа кај мене во Истра, но тогаш и јас и тие веќе бевме во други животни филмови и тие наши кратки пријатни дружења всушност повеќе беа своевиден неизречен обид некако да се заживее и емотивно да се разбуди незаборавното, возбудливо, младешко, студентско, лудо време од седумдесеттите кога тоа ни се чинеше непрегледно и само наше. Но, за жал, таа приказна веќе беше готова. Секој од нас веќе бараше нешто различно во животот, и секој од нас и си го пронајде местото каде што припаѓа.

Знам дека неговите помалку или повеќе познати животни и егзистенцијални контроверзи ѝ одземаа на неговата литерарна тежина во нашите малограѓански литературни кругови, но тоа им се случувало и на автори од поголем формат, и во поголеми литературни средини. Јас, пак, токму од периодот на тие негови егзистенцијални удолнини, по кои на времето и самиот минував, чувам еден негов прекрасен, обичен пријателски подарок - соларник издлабен во едно парче дрво, во кој постојано држам буковска пипер и чубрика, што не е само убав македонски артефакт од домашна рачна изработка од неговата хедонистичка гостилница, туку дури и крајно симболично постојано ме потсетува на него, на Платнар, на Блаже, кој беше вистинска, препознатлива, темпераментна интелектуална мирудија на нашите дружења, разговори, планови и младешки надежи и соништа.

 

Пула, 24 март 2005